Ekipa
20 Јуни 2016•Ажурирај: 21 Јуни 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Над 65 милиони луѓе од целиот свет се присилно раселени во 2015 година, повеќето од нив доаѓаат од со војна зафатените земји како Сирија и Авганистан, се вели во извештајот на УНХЦР објавен утринава, во кој се додава дека ова е прв пат во историјата бројот на раселени лица да надмине 60 милиони, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Агенцијата за бегалци при ОН се вели дека овој број претставува зголемување за 5,8 милиони во однос на 2014 година.
Кога овие бројки ќе се споредат со вкупната популација на луѓе на планетава тоа значи дека еден од 113 луѓе низ целиот свет е азилант, внатрешно раселен или бегалец.
Агенцијата со седиште во Женева ги повика европските и светски лидери да сторат нешто повеќе со цел спречување на конфликте кои доведоа до егзодус од рекордни размери.
„Се надевам дека пораките на принудно раселените ќе допре до раководствата ширум светот. Потребна ни е политичка акција со цел спречување на конфликтите. Пораката на раселените е јасна, доколку не ги решите проблемите, тие ќе ве стигнат”, порача високиот комесар за бегалци при ОН, Филипо Гранди.
Во најновиот извештај на УНХЦР се наведува дека минатата година, секоја минута во просек се раселуваат 24 лица, што во просек изнесува 34.000 дневно. Глобалното раселување приближно се удвостручи од 1997 година и се зголеми за 50 отсто само од 2011 година, кога почна војната во Сирија.
Над половина од бегалците доаѓаат од Сирија, Авганистан и Сомалија, се наведува во извештајот на УНХЦР.
Турција и понатаму е земја која прифати најголем број на бегалци, околу 2,5 милиони воглавно од соседна Сирија. Пакистан прими околу 1,6 милиони а Либан 1,1 милион бегалци.
Според официјалните податоци, минатата година во Европа пристигнале над еден милион луѓе, што предизвика политичка криза во Европската унија. Гранти ги повика земјите да направат повеќе во борбата против ксенофобијата и ги осуди физичките бариери, како оградите од бодликава жица, кои ги подигнаа некои од земјите-членки на ЕУ.
„Таква европска политика шири негативен пример ширум светот. Не постои план Б за Европа на долги патеки. Европа ќе продлжи да прима луѓе кои ќе бараат азил. Нивниот број може да варира, но е неизбежен”, истакна Гранди.