Zehra Ulucak
05 Септември 2017•Ажурирај: 05 Септември 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Вооружените сили на Филипините соопштија дека загина еден од лидерите на органзицијата Мауте, која е поврзана со терористичката организација ДЕАШ и под окупација го држи градот Марави во јужната филипинска покраина Минданао, јавува Anadolu Agency (AA).
„Добивме четири одделни извештаи кои потврдуваат дека Абдула Мауте е мртов“, изјави генералот Карлито Галвез од командата на филипинската војска во областа Минданао.
Галвез изјави дека помладиот брат Омер Мауте и понатаму е активен на фронтот, но и тој е ранет.
Медиумската куќа „ABS-CBS News“ (Еј-би-си-Си-би-си њуз) јавува дека постариот Мауте најверојатно бил убиен во Марави, за време на воздушните напади што филипинската војска ги изведе меѓу 14 и 26 август.
Локалните медиуми уште минатата недела објавија дека Абдула Мауте е мртов, но војската соопшти дека таа вест ќе ја потврдат дури кога ќе дојдат до докази.
Од друга страна, портпаролот на Претседателството на Филипините, Ернесто Абела, соопшти дека водачот на терористичката организација Абу Сајаф, Иснилон Хапилон е сѐ уште жив, а медиумите објавија дека тој наводно е мртов.
Припадниците на терористичката организација Мауте и на блиската организација Абу Сајаф, на 23 мај го зазедоа градот Марави и оттогаш во таа област траат судирите меѓу терористите и филипинската војска. Според последните извештаи, во тримесечните судири се убиени 645 терористи, а загинаа и 145 војници и најмалку 45 цивили. Градот и периферијата досега ги напуштија околу 400.000 жители.
Омер и Абдула Мауте во 2012 година ја основаа терористичката организација Мауте, која е позната по киднапирањата и бомбашките напади, а во април 2015 година, организацијата се прогласи за огранок на ДЕАШ на Филипините.