Gamze Türkoğlu Oğuz
09 Февруари 2019•Ажурирај: 09 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Филипини, Родриго Дутерте, повика на реформи во католичката црква, откако папата Франциско призна дека некои свештеници во неговите цркви, сексуално ги вознемирувале калуѓерките, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во филипинските медиуми, Дутерте за време на своето обраќање на Самитот за ред и мир во градот Легаспи рекол дека ова признавање докажало дека католичката црква нема духовна моќ да ја критикува неговата влада, притоа истакнувајќи „Католичката црква треба да оди кон реформи“.
Католичката црква на Филипините, каде што претежно живее христијанско население, ги критикува дискутабилните политики на Дутерте, како што е борбата против дрогата.
Дутерте, кој тврди дека во минатото бил сексуално малтретиран од еден свештеник, возврати на овие критики на црквата.
Папата Франциско, по посетата на Обединетите Арапски Емирати, во авионот при враќањето за Рим, на новинарите им изјавил дека во црквите свештениците сексуално ги вознемирувале калуѓерките; дури имало еден случај во кој калуѓерката била држена како „секс-роб“.
Папата истакнал дека црквата се обидува да интервенира по овие теми, но додал дека и покрај тоа, сѐ уште постојат такви случаи.