Ömer Aydın
20 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ПАРИЗ (АА) - Француските власти потврдија дека 39-годишниот Зијед Бен Белгасем, кој во саботата беше убиен на парискиот аеродром Орли при нападот на војниците бил под влијание на дрога и алкохол, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од канцеларијата на парискиот обвинител соопштија дека токсиколошките тестови покажале ниво на алкохол од 0,93 грама по литар во крвта на убиениот напаѓач и присуство на кокаин и канабис.
Неговиот татко вчера изјави дека Зијед не бил терорист, туку дека за неговите постапки се виновни дрогата и алкохолот.
„Мојот син не беше терорист. Пиеше, никогаш не се молеше. Под влијание на алкохол и канабис така ќе завршите“, рече таткото на Белгасем.
Францускиот претседател Франсоа Оланд претходно изјави дека истражителите ќе утврдат дали напаѓачот, кој беше француски државјанин, имал терористички заговор. Тој отфрли каква било поврзаност на нападот со претстојните претседателски избори во април и мај, и порача дека ништо нема да ги сопре од борбата против екстремистите во наредните години.
Потсетуваме, во саботата наутро на аеродромот Орли во Париз, Белгасем се обиде да одземе оружје од војник при што беше неутрализиран. Дел од аеродромот потоа беше евакуиран, а преземени беа високи безбедносни мерки. Сите летови на аеродромот беа запрени и пренасочени кон аеродромот Шарл де Гол.
Во Франција сè уште е во сила вонредна состојба прогласена откако во Париз на 13. ноември 2015 година беа изведени серија терористички напади во кои загинаа 130 лица.
Вонредната состојба беше продолжена по терористичкиот напад во Ница на 14. јули 2016 година, во кој загинаа 84 лица.