Yusuf Özcan
15 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
ПАРИЗ (АА) - Клемент Бон, францускиот државен министер за Европската Унија (ЕУ), истакна дека Франција ќе се одмазди на Велика Британија во рок од осум дена доколку таа продолжи да не им издава дозволи на француските рибари за риболов во британските води, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бон во својата изјава, наведувајќи дека Франција била многу трпелива со проблемот со рибарите, рече дека Велика Британија не им дава дозвола на француските рибари за риболов во британските води од политички причини, а не поради недостиг на информации.
Тој истакна дека ова не е проблем само за Франција, туку и за Европа, и додаде дека ги мобилизираат своите европски партнери за ова прашање.
Министерот Бон порача дека на Велика Британија ќе ѝ се возврати на национално или европско ниво во рок од осум дена доколку продолжи да одбива да ги лиценцира француските рибари.
Постигнат е консензус во преговорите меѓу ЕУ и Велика Британија за одредување на квотите за риболов во 2021 година, но француските рибари не можат да ловат во назначените области.
Британската администрација на островот Жерзи од француските рибарски бродови побара докази за нивните минати активности. Оваа ситуација предизвика тензија помеѓу Велика Британија и Франција.
Франција се закани дека ќе ја прекине доставата на електрична енергија на Жерзи, а француските рибари го блокираа пристаништето на островот.
Британската Влада испрати два брода на морнарицата на островот Жерзи како мерка на претпазливост, потоа и Франција одлучи да испрати два брода на морнарицата во регионот како одмазда.
По завршувањето на блокадата на француските рибари, бродовите на морнарицата се вратија назад. Франција бара ЕУ да биде построга кон Велика Британија во однос на рибарството.
Жерзи, еден од островите во каналот Ла Манш, 95 проценти од електричната енергија ја добива од Франција, која е оддалечена околу 14 милји.