Necva Taştan Sevinç
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Француската пратеничка Габриел Катала повика министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез да поднесе оставка поради полициската интервенција против средношколците, во услови на зголемени критики за начинот на кој Владата се справува со средношколските протести на национално ниво, јавува Анадолу.
Катала, пратеничка од левичарската партија Непокорена Франција (ЛФИ), вчера му се обрати на Нуњез во Националното собрание, посочувајќи на учениците што биле тешко повредени, изгубиле око или се здобиле со скршеници на вилицата за време на протестите.
Осврнувајќи се на изјавата на Нуњез дека се отворени 10 истраги за инциденти за време на протестите, Катала рече: „Наш проблем не е отворањето истраги откако животите на овие деца се уништени; наш проблем е спречувањето на ова насилство.“
Таа повика на промена на француската полициска доктрина во насока на деескалација и рече дека снимките покажуваат полицајци во цивилна облека како кршат прозорци и како полицијата уптребува различна муниција кон учениците.
„Господин министер, мора да поднесете оставка. Тука повеќе нема што да правите“, му рече таа на Нуњез.
Катала ги даде овие изјави по политичките реакции предизвикани од случајот со 15-годишниот ученик што вчера остана без рака откако експлодира граната употребена од полицијата за време на протестите во близина на средното училиште „Огист-Бехал“ во Ленс.
Јавниот обвинител на Бетун, Етјен Тиефри, изјави дека сè уште не е утврдено дали тинејџерот ја подигнал гранатата или таа била фрлена кон него. Полициското надзорно тело на Франција отвори истрага.
И други опозициски политичари ја критикуваа полициската реакција.
Координаторот на ЛФИ, Мануел Бомпар, ги обвини властите дека избрале „да ги репресираат нашите деца наместо да ги слушаат и да влезат во дијалог“, додека политичарката од Зелените, Марин Тондолие, го нарече „сериозна политичка грешка“ тоа што на полицијата не ѝ се дадени инструкции да покажува воздржаност.
Политичарот од социјалистите, Оливие Фор, ја повика Владата веднаш да ја преиспита својата стратегија за контрола на толпата.
Петицијата објавена на веб-страницата на Националното собрание, со која се бара забрана за употреба на полициски оружја што може да предизвикаат сериозни повреди за време на средношколските протести, добила повеќе од 10.000 потписи.
На 2 октомври Нуњез за телевизијата ТФ1 изјави дека не им дал инструкции на припадниците на безбедносните сили да покажуваат воздржаност за време на протестите, што предизвика критики од опозициските политичари.