Zehra Ulucak
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ХОНОЛУЛУ (АА) - Приведени се околу 40 лица кои влегле во забранетото подрачје, со желба одблиску да ја видат лавата или да го фотографираат вулканот Килауеа во сојузната американска држава Хаваи, јавува Anadolu Agency (AA).
Интернет сајтот „Hawaii News Now“ јавува дека луѓето, и покрај полициските барикади и зголемениопт степен на опасност, продолжуваат да влегуваат во подрачјето кое претставниците на власта го затворија од безбедносни причини.
Официјалните лица од Управата за земјиште и природни ресурси соопштија дека од почетокот на ерупцијата на вулканот, приведени се околу 40 луѓе.
Гувернерот на Хаваи, Дејвид Ајџи, изјави дека се заострени казните против луѓето кои влегуваат во забранетите подрачја околу вулканот.
Оние кои ќе бидат фатени во подрачјето каде што трае евакуацијата или е зголемено нивото на опасност, би можело да се соочат со парична казна до 5.000 долари или затворска казна до една година.
Вулканот Килауеа, од минатиот месец исфрла лава, камења и отровни гасови, поради што, на побезбедни подрачја се евакуирани околу 2.000 луѓе.
Поради зголемената активност на вулканот, претставниците на власта, во почетокот на месецот го предупредија населението дека доколку не ги напушти домовите, би можело да биде приведено.