Mohamed Majed
12 Август 2024•Ажурирај: 13 Август 2024
ГАЗА (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас побара посредниците за прекин на огнот во Газа да го презентираат планот за спроведување на предлогот поддржан од американскиот претседател Џо Бајден, со кој се согласија на 2 јули, јавува Анадолу.
Групата објави соопштение во кое бара од посредниците „да го претстават планот за спроведување што му го понудија на движењето и што беше договорен на 2 јули, врз основа на предлогот поддржан од Бајден и резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и да ја принудат (израелската) окупација да се придржува кон него наместо да продолжува со други рунди преговори или нови предлози што обезбедуваат покритие за агресијата на окупаторот и ѝ даваат повеќе време“.
„Израел ја зголеми својата агресија врз нашиот народ и изврши дополнителни масакри, вклучително и убиството на водачот на движењето, Исмаил Ханије, потврдувајќи ги своите намери за продолжување на агресијата, а не постигнување прекин на огнот“, додаде Хамас.
Египетските, катарските и американските посредници ги повикаа Израел и Хамас во четврток да склучат договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците без дополнителни одложувања или изговори.
„Повеќе нема време за губење ниту изговори од која било страна за дополнително одложување“, се вели во заедничката трилатерална изјава објавена од катарскиот кабинет на Амири Диван.
Посредниците изразија подготвеност „да презентираат конечен предлог со кој ќе се решат преостанатите прашања за имплементацијата на начин што ќе ги исполни очекувањата на сите страни“.
Тие, исто така, ги повикаа Израел и Хамас да продолжат со итни преговори на 15 август во Доха или Каиро за да ги затворат сите преостанати точки и да започнат со спроведување на договорот без натамошно одложување“.
Хамас во својата изјава го спомена и смртоносниот воздушен напад од страна на Израел што беше извршен во саботата, во кој загинаа најмалку 100 Палестинци, а десетици беа повредени во училиште во градот Газа, каде што беа засолнети раселени луѓе.
„Непријателот изврши грозоморно злосторство со масакрот врз раселените луѓе во училиште во населбата Дараџ во Газа“, се вели во соопштението.
Во однос на претходните напори за прекин на огнот, движењето соопшти дека се вклучило во „голем број преговори и ја обезбедило сета потребна флексибилност и позитивност за да се постигнат целите и интересите на Палестинците, вклучително и олеснување на размената на заложници, помагање на нашиот народ, враќање на раселените лица и обнова на она што е уништено во агресијата.“
Бајден во мај рече дека Израел претставил договор од три фази со кој ќе се стави крај на непријателствата во Газа и ќе се обезбеди ослободување на заложниците што се држат во крајбрежната енклава. Во планот е предвидено прекин на огнот, размена на заложници и затвореници и обнова на Газа.
Со индиректните разговори со посредство на САД, Катар и Египет не се постигна договор за траен прекин на огнот и размена на заложници и затвореници. При еднонеделното примирје во ноември разменети беа одреден број од околу 250 заложници кои беа држени во Газа, во замена за палестинските затвореници што ги држеше Израел.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во израелските напади загинаа над 39.800 лица, главно жени и деца, а повредени се над 92.000.
Повеќе од 10 месеци по почетокот на израелските напади огромни делови на Газа се во урнатини, каде што постои и блокада за храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој му нареди веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.