Tarek Chouiref
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
Хезболах денес соопшти дека во изминатите 24 часа извршил 24 воени операции насочени кон израелските војници, воени возила и позиции низ јужен Либан, јавува Анадолу.
Оттаму наведуваат дека нападите вклучувале удари со беспилотни летала и ракетни истрели, и дека доаѓаат како одговор на континуираните израелски прекршувања на прекинот на огнот и нападите врз цивили и градови.
Во низа соопштенија, Хезболах истакна дека неколку напади биле насочени кон градот Хадата, каде што нејзините борци се судриле со израелските сили и оклопни единици кои напредувале, во една од најтешките рунди борби во последните денови.
Според Хезболах, во повеќекратните напади со беспилотни летала цел биле групи на израелски војници како и воените позиции, додека во посебни операции биле погодени и најмалку четири тенка „Меркава“ и два булдожери „Д9“.
Групата, исто така, соопшти дека нејзините борци се соочиле со израелските сили кои напредувале кон Хадата и ги гаѓале поддржувачките единици со артилериски и ракетен оган во траење од речиси 30 минути.
Понатаму, Хезболах наведе дека со ракета земја-воздух стрелал кон израелско беспилотно летало „Хермес 450“ во централниот сектор.
Израелската Армија вчера објави дека седум војници, вклучително и двајца офицери, биле ранети откако беспилотно летало со експлозив се урнало во јужен Либан.
Армијата соопшти дека една жена војник добила сериозни повреди, додека двајца офицери и двајца војници биле полесно повредени. Уште двајца војници претрпеле полесни повреди.
Израелските напади низ Либан продолжуваат и покрај прекинот на огнот со посредување на САД, што официјално стапи на сила на 17 април, а подоцна беше продолжен до почетокот на јули.
Од 2 март, Израел спроведува офанзива од големи размери врз Либан, во која загинаа 3.073 луѓе, ранети се 9.362, а раселени се повеќе од 1,6 милиони луѓе, што е околу една петтина од населението во земјата, според либанските официјални претставници.