Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
10 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Стотици цивили, главно жени и деца, во покраината Идлиб, северозападна Сирија, се обидуваат да заработат за живот собирајќи го компирот од полињата останат од жетвата на земјоделците, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во Сирија, каде што граѓанската војна трае повеќе од 10 години, цивилите кои побегнаа од нападите на режимот на Башар ал Асад и се засолнија во камповите, живеат под тешки услови и се борат за живот.
Цивилите, кои не можат да најдат работа, дел од компирот што го собираат од нивите на земјоделците останат од жетвата, го чуваат за храна, а дел го продаваат. Одвреме-навреме, при собирање на компирите од нивите се изложени на напади од режимските сили.
- „Сите цивили живеат во шатори“ -
Мухамед Хасан, еден од цивилите кои по цена на својот живот собира компири од полињата, за AA истакна дека ги собираат преостанатите компири на нивите на земјоделците, откако тие ќе завршат со собирањето.
„Немаме пари да купиме 1 килограм компири за нашите деца. Животните услови, зеленчукот, горивото и лебот се многу скапи. Заработуваме 20 турски лири (1,3 евра) дневно“, нагласи Хасан.
Мухамед Зафер, еден од цивилите кој исто така собира компири на нивите, рече дека дел од компирите што ги собрале, ги однеле дома, а дел од нив ги продаваат:
„Сите цивили овде живеат во шатори. Никој нема пари да купи леб“, додаде Зафер.
- Ситуацијата во Идлиб -
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за формирање четири деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година меѓу Русија и Турција.
На 5 март во Москва Турција и Русија договорија ново примирје во деескалациската зона на Идлиб. Иако режимските сили повремено го кршат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во нападите на Русија и силите на режимот во деескалациската зона во Идлиб, во периодот 2017 - 2020 година раселени се околу 2 милиони цивили кон местата во близина на границата со Турција.