Hakan Çopur,Kasım İleri
05 Април 2019•Ажурирај: 05 Април 2019
ВАШИНГТОН
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, го критикуваше ставот на САД кон Турција за купувањето на одбранбениот систем „С-400“ и порача дека не е во духот на сојузништвото една земја да ѝ наметнува на друга од каде може да го набави она што ѝ е потребно, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу во Вашингтон присуствуваше на состанокот на шефовите на дипломатија на членките на НАТО, кои се собраа по повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Сојузот.
Во разговор со новинарите, Чавушоглу потсети дека претходно присуствувал и на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, каде што на иницијатива на Турција е усвоена резолуцијата за борба против сите облици на дискриминација и расизам.
Турскиот министер Чавушоглу на маргините на состанокот во Вашингтон се состана со голем број колеги од земјите членки на НАТО, вклучувајќи го и шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео.
„Изненаден сум од соопштението на американското Министерство по состанокот. Изненаден сум и од тонот и содржината. Соопштението не ја отсликува вистината“, рече Чавушоглу.
САД силно се противат на тоа што Турција постигна договор со Русија за купување на одбранбениот систем „С-400“, а Чавушоглу потсети дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јасно рекол дека секоја земја има право да го бира оружјето за одбрана.
„Не е во духот на сојузништвото една земја да ѝ наметнува на друга од каде смее, а од каде не смее нешто да набави“, порача Чавушоглу.
Коментирајќи ја можноста Турција да го купи и американскиот одбранбен систем „Патриот“, Чавушоглу рече дека е можно да се постигне договор со администрацијата на САД за цената и деталите, но истакна дека за таков чекор во процесот е потребно одобрување од Конгресот.