Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека нападите на Ерменија врз цивилните населби во Азербејџан не претставуваат само злосторство против хуманоста, туку исто така се знак на очајот во кој паднала земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе продолжиме да го поддржуваме територијалниот интегритет на Азербејџан како што го сторивме тоа во Грузија, Украина, Сирија и Ирак“, изјави Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот азербејџански колега во Баку.
Чавушоглу, исто така, го критикуваше неутралниот став кон конфликтот на Групата Минск, велејќи дека жртвениот Азербејџан не може да се смета за ист како Ерменија, која е земја окупатор.
Повикувајќи ја меѓународната заедница да го поддржи територијалниот интегритет на Азербејџан, тој истакна дека Азербејџан покажува дека не треба и не смеат да постојат никакви двојни стандарди за ова прашање ниту на терен ниту во преговорите.
Министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, исто така ја критикуваше Ерменија, велејќи дека таа има „терористички менталитет“ без никакви скрупули околу постигнувањето на нејзините цели.
Пограничните судири избувнаа на 27 септември, кога ерменските сили започнаа со напади врз азербејџанските цивилни населби и воени позиции, кои резултираа со жртви.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу другите, повикаа на итен прекин на судирите во окупираниот регион.