ИСТАНБУЛ (АА) - Тензиите на Самитот на Обединетите нации (ОН) за климатски промени во Њујорк пораснаа кога генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, упати апел до лидерите да не инвестираат повеќе во нови проекти со употреба на јаглен по 2020 година, по моќниот говор на младата активистка против климатските промени, Грета Тунберг, за тоа како истите тие лидери ја разочарале неа и нејзината генерација и не презеле одредени активности за климатските промени, јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот многу лидери најавија конкретни активности за климатските промени до 2020, 2030 и 2050 година.
Еден од најважните настани на Самитот беше ратификувањето на Парискиот договор за климатски промени од страна на Русија.
Франција, Соединетите Американски Држави (САД), Аргентина, Костарика, Финска, Нов Зеланд и Шведска најавија нова алијанса, со што бројот на земји достигна на 59, кои ветија дека ќе достават и помоќен акционен план во 2020 година.
Други 11 земји, меѓу кои и Индија, Кина и некои земји од Европската Унија, истакнаа дека ќе започнат со истражување на националните обврски кон климатските планови, додека Австрија, Чиле, Италија, Јапонија и Источен Тимор соопштија членство во Коалицијата за неутралност во однос на јаглеродот.
Коалицијата им помага на земјите да развијат планови за постигнување нулта емисии на јаглерод до 2050 година.
Други 66 земји започнаа да работат на цели за постигнување нулта емисија на јаглерод.
Грција соопшти моќен план дека ќе се заложи до 2028 година да ја прекине употребата на јаглен, со планови за затворање на постројките кои работат на јаглен во 2020 година.
Постројките зафаќаат речиси четвртина од вкупниот инсталиран капацитет.
Настапот на Германија на Самитот се смета за разочарувачки бидејќи германската канцеларка Ангела Меркел ги повтори сегашните планови на земјата да ги елиминира фабриките кои работат на јаглен до 2038 година, без дополнителни, конкретни планови.
Покрај сите изјави и акциони планови на самитот ќе биде запаметен лутиот, но трогателен глас на 16-годишната Турнберг за време на говорот на отворањето на Самитот.
„Мојата порака до вас е дека ќе ве следиме. Сево ова е погрешно. Јас не би требало да сум овде. Треба да бидам на училиште од другата страна на океанот“, рече таа.
„Ни пристапивте нам, на младите, за надеж. Како се осмелувате? Ми го украдовте моето детство со празните зборови. Сепак, јас сум една од среќните. Луѓе страдаат, луѓе умираат. Знаете да зборувате само за пари и за приказни за вечен економски раст. Повеќе од 30 години науката е кристално јасна“, рече таа.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој веќе одлучи да се повлече од Парискиот климатски договор, го напушти Самитот откако го слушна говорот на активистката Тунберг, а подоцна објави твитови со потсмешлива содржина: „Изгледа многу среќна!“
Прашањето „Како се осмелуваш?“ почна да се шири на Твитер во текот на денот со слика на лутото гледање на Тунберг во Трамп, непосредно пред почетокот на Самитот.
Завршните заклучоци на Гутереш на Самитот беа дека светот има долг пат за да го задржи зголемувањето на температурата до 1,5 степен до крајот на векот.
- Финансиите за активности против климатските промени во пораст -
Неколку институции и банки објавија дека ќе се приклучат кон активностите за задржување на прагот на температурата од 1,5 степен Целзиусов.
Катар вети 100 милиони долари за финансирање на активности против климатските промени.
Зелениот климатски фонд достигна 7,4 милијарди долари со осум земји, а Исланд, Шведска, Данска, Швајцарија, Норвешка, Велика Британија, Германија и Јужна Кореја ветија свои средства.
Целите на Фондот во поддршката на активностите против климатските промени во земјите во развој се да достигнат 10 милијарди долари.
- 100 банки ќе креираат бизниси на корпоративно ниво -
Околу 100 банки, со вредност од 35 билиони долари, се обврзаа дека ќе постават цели за бизниси на корпоративно ниво.
Осумдесет и седум компании со вкупна вредност од 2,3 билиони долари, и годишен климатски импакт еквивалентен на 73 фабрики кои работат на јаглен, се обврзаа да ги намалат емисиите.