Kasım İleri
12 Јуни 2019•Ажурирај: 12 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот заменик-секретар за одбрана, Патрик Шанахан, истакна дека утре ќе се состане со министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, а тема на разговорите ќе биде кризата во врска со рускиот одбранбен систем „S-400“ меѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Пред состанокот со полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак, во Пентагон, Шанахан одговораше на новинарски прашања.
На новинарското прашање дали добил одговор за писмото кое во петокот беше испратено до Хулуси Акар, во однос на учеството на Турција во програмата за воените авиони „F-35“, Шанахан рече: „Мислам дека ова прашање веќе се ажурира неделно. Утре со министерот Акар ќе разговарам телефонски и меѓусебно ќе се информираме за напредокот во преговорите. Некои активности за обуки се прекинати. Сè уште не сме ги суспендирале активностите за одржување. Се надевам дека утре ќе можеме да размениме информации за тоа каков напредок постигнавме. Тоа е она што можам да го кажам во моментот“.
- „Ако не продаваме оружје на Арапите, тие ќе купуваат од Русија и од Кина“ -
Американскиот претседател, Доналд Трамп, го заобиколи Конгресот и одобри голема продажба на оружје за Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Одговарајќи на тоа прашање, Шанахан посочи на Русија и на Кина.
„Состојбата со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати е следна: Што им продаваме ним, за да можат да се одбранат? Навистина, во центарот на тоа треба да се одговори на една голема закана (иранска закана). Потоа, како второ, ако тие не можат да купуваат оружје од својот силен сојузник, САД, тие за својата безбедност ќе купуваат (оружје) од Кина или Русија“.
Шанахан, прескокнувајќи го прашањето дали ја поддржува одлуката на Трамп за заобиколување на Конгресот, рече: „Секогаш мојот избор е процесот да функционира.“
- База за противракетна одбрана во Полска -
Џон Руд, потсекретар за одбрана на САД, кој присуствуваше на истиот состанок, во однос на прашањето за изградбата на базата за противракетна одбрана во Полска нагласи: „Ние сме одлучни за изградба на база за противракетна одбрана во Полска. Нашиот план е да ја завршиме во согласност со Документот за проверка на противракетната одбрана.“
Руд, исто така, рече дека изградбата продолжува и дека се отстранети одредени пречки.