Bayram Altuğ
27 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Во Швајцарија покрената е истрага за транспарентот истакнат на саботниот митинг во Берн, на кој претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, беше претставен како цел, јавува Anadolu Agency (AA).
Швајцарската новинска агенција објави дека обвинителството Берн-Мителанд започна истрага за транспарентот со црна позадина со фотографија на претседателот Ердоган кому му е вперен пиштол во главата, како и транспарентот на кој пишуваше „Убијте го Ердоган“ (Kill Erdogan), а под него „Со сопствено оружје“.
Шефот на полицијата во Берн, Рето Наус, потврди дека е започната истрага. Наус додаде дека истрагата е започната бидејќи не се исполенти одредени услови за одржување на митингот.
Сè уште нема приведени лица во врска со истакнувањето на скандалозните транспаренти на митингот.
Митингот, на кој присуствуваа поддржувачи на терористичките организации ПКК, ДХКП-Џ и ЈПГ, се одржа во саботата на плоштадот пред зградата на Федералниот Парламент во Берн. Тој траеше од 16 до 18 часа, а дозволата за одржување е дадена од страна на властите на Швајцарија.
Швајцарската полиција не интервенираше во текот на митингот на кој турскиот претседател беше прикажан како цел. Можеа да се забележат високи безбедносни мерки, како и бројни екипи на итната медицинска помош.
Присутните на митингот скандираа против Турција и турскиот претседател. Беа истакнати и симболите на терористичката организација, фотографии од лидерот на ПКК, а често се слушаа и извиците „Ердоган терорист“ и „Ердоган диктатор“.
Министерството за надворешни работи на Турција вчера го повика на разговор швајцарскиот амбасадор Валтер Хафнер во Анкара, при што е изразено незадоволството поради одржување на митингот. Во соопштението на Министерството се наведува дека е побарано преземање судски мерки поради извршеното кривично дело.