Atila Altuntaş
26 Јули 2017•Ажурирај: 27 Јули 2017
СТОКХОЛМ (АА) - Дрор Феилер, шведски државјанин со израелско потекло, смета дека Израел сака да го измени верскиот, историскиот и политичкиот статус на Ал Акса.
Феилер заедно со активисти од Шведска и од Норвешка, во 2015 година од Шведска тргна на пат, со цел да се пробие израелската блокада во Газа. Феилер во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за последните случувања во Ал Акса.
„Израелската Влада спроведува планови за измена на верскиот, историскиот и политичкиот статус на Ал Акса“, изјави Феилер, кој смета дека израелската Влада свесно настојува да ги зголеми тензиите.
Тој потсети дека Израел во 2014 година вложувал напори за измена на статусот на тоа подрачје.
„И покрај тоа што израелската Влада знае какви ќе бидат резултатите, повремено преферира да вложува напори во тој правец. Се надевам дека со покажување директни и ефикасни реакции секој пат, ќе го запреме Израел засекогаш“, рече Феилер.
Тој тврди дека трите лица кои израелската полиција ги уби на 14. јули, под сомневање дека сакале да извршат оружен напад во Ал Акса, всушност се Израелци.
„Ме изненади што медиумите не пишуваа за тоа. Се разбира, Израел се обидува да ја искористи секоја ситуација, ја искористи и оваа и ги обвини Палестинците“, рече Феилер.
Тој додаде дека проблемите меѓу Израел и Палестина можат да бидат решени единствено со примена на човечки принципи.
„Треба да се има предвид дека муслиманите, евреите, христијаните и атеистите имаат исти вредности и права. Потребно е да се вложат напори за почитување на нашите разлики“, смета шведскиот државјанин Дрор Феилер, кој по потекло е од Израел.