Riyaz Khaliq Khaliq
10 Јануари 2025•Ажурирај: 11 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот за безбедност на сменетиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, денес поднесе оставка, јавува Анадолу.
„Оставката на Парк Чонг-Џун беше прифатена од вршителот на должноста претседател Чои Санг-мок“, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап њуз“.
Денес Парк ѝ се предал на полицијата по игнорирањето на двата повици за сослушување во врска со обвинувањата дека го спречувал апсењето на Јун, кој се соочува со обвиненија за бунт и велепредавство поради обидот за краткотрајно воведување воена состојба.
„Верувам дека многу луѓе се длабоко загрижени за моментната ситуација, при што државните институции се судираат и меѓусебно се конфронтираат,“ изјави Парк пред новинарите при пристигнувањето на сослушувањето во полицијата во Сеул.
„Под никакви околности не треба да има физички судири и пролевање крв,“ додаде тој.
Истрагата за случајот се засилува, а заедничкиот тим на истражители најави дека ќе се обиде повторно да го приведе Јун.
Полицијата, пак, соопшти дека ќе поднесе обвиненија против најмалку 26 припадници на претседателското обезбедување за нивна наводна вмешаност во спречувањето на тимот од Канцеларијата за истрага на корупција на високи функционери да го приведе Јун на 3 јануари.
Јун, кој на 3 декември се обиде да воведе воена состојба, сè уште се наоѓа во неговата официјална резиденција во Сеул.