Beyza Binnur Dönmez
16 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот за човекови права на ОН, Волкер Турк, денес ги осуди израелските напади врз преговарачкиот тим на Хамас во Доха, велејќи дека тоа претставува „шокантно кршење на меѓународното право, напад врз регионалниот мир и стабилност и удар врз интегритетот на посредувачките и преговарачките процеси низ целиот свет“, јавува Анадолу.
Говорејќи на итната дебата во Советот за човекови права во Женева, Турк рече дека нападот од 9 септември „го прекршил правото на живот според меѓународното право за човекови права и принципите на меѓународното хуманитарно право“.
Тој додаде дека напаѓањетостраните вклучени во посредувањето ја поткопува улогата на Катар како посредник за мир.
„Тоа е напад врз глобалните напори за мирно решавање на конфликтите“, нагласи тој.
Турк рече дека нападот се совпаднал со новата израелска наредба за раселување што влијае врз еден милион луѓе во градот Газа и одобрувањето од Владата на проектот за населбата Е1 во близина на Источен Ерусалим, за кој рече дека „го приближува решението за две држави сè поблиску до точка од која нема враќање“.
Тој ги повика земјите членки да го спречат протокот на оружје кон Израел кое ризикува да ги прекрши законите на војување, велејќи: „Земјите членки не може повеќе да чекаат.“
Исто така, обраќајќи се на дебатата, претставничката на ЕУ, Дајке Поцел, рече дека блокот ја изразува својата целосна солидарност со Катар, опишувајќи ја земјата од Персискиот Залив како „наш стратегиски партнер кој, заедно со Египет и САД, игра клучна улога како посредник во конфликтот во Газа“.
Таа нагласи дека фокусот на меѓународната заедница мора да остане „на постигнување прекин на огнот, ослободување на сите заложници и непречен пристап до хуманитарна помош во Газа“, истовремено потврдувајќи ја поддршката на блокот за континуираната посредничка улога на Катар.
„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од какви било дејства што ги загрозуваат каналите за медијација и регионалната стабилност и да останат посветени на решението за две држави“, рече Поцел.