Alperen Aktaş
30 Мај 2025•Ажурирај: 31 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина е подготвена за траен прекин на огнот и продолжување на дипломатските напори, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, повикувајќи ја Русија да прифати безусловно запирање на непријателствата, јавува Анадолу.
Сибиха ја даде оваа изјава по средбата со турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, кој престојува во официјална посета на Киев.
„Украина е подготвена да го прекине огнот за подолг временски период со цел да се стави крај на убивањата и да се овозможи ефективна дипломатија. Русија мора да прифати целосен и безусловен прекин на огнот“, порача Сибиха преку објава на социјалната мрежа Х, при што ѝ се заблагодари на Турција за нејзината улога во мировните напори.
Тој потенцираше дека доколку Москва навистина не се посвети на мирот, меѓународниот притисок врз неа мора да продолжи да се зголемува.
Сибиха, исто така, ја пофали поддршката на Турција за суверенитетот на Украина и враќањето на Крим, наведувајќи: „Ѝ благодариме на Турција за поддршката на територијалниот интегритет на Украина и правата на кримските Татари“.
Тој истакна дека Фидан го информирал за неговата посета на Москва и ги опиша украинско-турските односи како „стратешко партнерство“ што ја зајакнува регионалната безбедност во Црното Море.
Посетата на Фидан доаѓа по зголемената дипломатска активност пред втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина закажани за следната недела во Истанбул.