Alyssa Mcmurtry
22 Јануари 2024•Ажурирај: 23 Јануари 2024
ОВИЕДО (АА) - Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Шпанија на денешниот состанок на министри за надворешни работи во Брисел, ќе дискутира за траен прекин на огнот во Газа и признавање на палестинската држава, јавува Анадолу.
Тој за новинарите изјави дека целата меѓународна заедница треба да ја признае независна Палестина бидејќи „тоа е единствениот начин да се гарантира безбедност и стабилност за Израел и Палестина, како и за целиот Близок Исток“.
Албарес додаде дека денешниот состанок ќе биде „фундаментален за светскиот мир и стабилност“.
Тој рече дека европските министри за надворешни работи ќе се сретнат со нивните колеги од Палестина, Израел, Египет, Јордан, Саудиска Арабија и генералниот секретар на Арапската лига за да ги „слушнат нивните ставови“ и да споделат мислења од Европа.
Шпанскиот министер за надворешни работи рече дека ќе се залага и за неограничен пристап до хуманитарна помош во Газа, како и за предлогот на Шпанија да се одржи мировна конференција.
„Мировната конференција ќе послужи за спроведување на решението за две држави што служи за создавање реална и одржлива палестинска држава“, додаде тој.
И високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жозеп Борел, денес инсистираше на решение со две држави, велејќи му на Израел дека не може да гради мир „само со воени средства“.
Поранешниот шпански министер и актуелен дипломат на ЕУ рече дека иако Хамас и израелската Влада можеби не се согласуваат со решението за две држави, тоа било договорено од ОН.
Зборувајќи за мировниот план на израелската Влада, тој се запраша: „Кои други решенија ги имаат на ум? Да ги натераат сите Палестинци да си заминат? Да ги убијат?“
Пред почетокот на состанокот за надворешни работи, Албарес објави слика на X на која се прегрнува со Борел.
Нивното заедничко гледиште може да се соочи со отпор од другите земји на ЕУ кои повеќе го поддржуваат Израел од 7 октомври.
Но, дури и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок пред состанокот за новинарите изјави дека решението со две држави е „единствено решение“ за сегашниот конфликт и дека „оние кои велат дека не сакаат да слушнат за такво решение не донеле алтернатива“.