Şenhan Bolelli
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
МАДРИД
Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, истакна дека ситуацијата во Авганистан, кој е под контрола на Талибанците, е „многу драматична“ и дека евакуацијата на Авганистанците секој ден станува сè потешка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Роблес за шпанското радио „Кадена сер“ рече: „Ситуацијата во Авганистан се влошува од ден на ден, бидејќи секој нареден ден талибанците стануваат поагресивни. Се испукуваат куршуми и насилствата се многу јасни.“
Забележувајќи дека е многу тешка евакуацијата од Кабул на Авганистанците кои сакаат да ја напуштат својата земја, Роблес нагласи:
„Има многу луѓе кои не можат да бидат евакуирани, особено оние кои не се блиску до аеродромот. Ситуацијата на аеродромот е многу сложена и драматична. Затоа од оние што соработуваат со Шпанија се бара да носат црвена и жолта шамија за да се идентификуваат од толпата. Шпанија ќе биде таму до крај за да им помогне.“
Роблес истакна дека приоритет во евакуацијата ќе имаат жените и децата, активистите или новинарите кои имаат важна улога во авганистанската јавност.
Шпанската министерка за одбрана соопшти дека вкупниот број бегалци ќе се зголеми на 420 со двата авиони што ќе пристигнат денеска во воената база „Торехон де Ардос“ во Мадрид, што беше формирана како привремен собирен центар за авганистанските бегалци во соработка со ЕУ и САД.
Од друга страна, Роблес истакна дека датумот на заминување на шпанските војници од Авганистан ќе биде одреден во моментот кога САД ќе се откажат од контролата врз Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул.