Шпанскиот премиер Педро Санчез денес призна дека „довербата во брзите железници е разнишана“ по тешката несреќа претходно оваа недела, во која загинаа најмалку 69 лица, а 110 беа повредени, јавува Анадолу.
Судирот во средата во близина на Урда, во централна Шпанија, е втората голема железничка несреќа со брз воз во земјата оваа година.
Излетувањето од шините и судирот во близина на градот Адамус во јануари однесоа 46 животи, а првичните наоди укажуваа на пукната шина.
„Неприфатливо е земја како Шпанија, со толку развиен систем на брзи железници, да доживее две несреќи со вакви карактеристики и размери во една година“, изјави Санчез на прес-конференција.
Тој вети дека ќе „понуди решенија за дополнително зајакнување на системот на брзи железници, за да не се повтори ваква трагедија“.
Според Меѓународната унија на железници, Шпанија ја има втората најголема мрежа на брзи железници во светот, по Кина, и најголемата во Европа.
Претседателот на регионалната Влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, денес изјави дека бројот на загинати би можел малку да се зголеми додека продолжува процесот на идентификација. Надлежните добиле 70 пријави за исчезнати лица.
„Од 110-те лица хоспитализирани во регионот, 39 сè уште се задржани во болница, а сите закрепнуваат релативно добро“, изјави тој.
- Пропустите под лупа
Сè поголемо внимание се посветува на пропустите што овозможиле брзиот воз на „Ренфе“ да удри во задниот дел на запрениот воз на „Ирио“ на железничката линија Мадрид – Севиља.
„Министерот за транспорт Оскар Пуенте изјави дека технички дефект во автоматскиот сигнализациски систем запрел неколку возови, поради што диспечерите во Мадрид ја презеле контролата. Слични дефекти се случиле 160 пати во Шпанија оваа година“, рече Пуенте денес, додавајќи дека оваа бројка е во рамките на нормите на ЕУ.
Според Пуенте, работник во контролниот центар потоа му одобрил на возот на „Ренфе“ да продолжи со нормална брзина – до 200 километри на час – и покрај тоа што пред него имало запрен воз, со што биле прекршени безбедносните протоколи.
„Ако два воза се наоѓаат во истиот блок-сегмент, возот што се движи зад другиот не треба да продолжи. Второ, во вакви услови, ако првиот воз продолжи да се движи, на вториот треба да му се одобри движење со максимална брзина од 40 километри на час“, изјави Пуенте.
Околу пет минути пред несреќата, запрениот воз исто така го контактирал контролниот центар за да предупреди дека не може да продолжи со движење.
Во прелиминарната истрага се проценува дека возот на „Ренфе“ се движел со брзина од околу 160 до 200 километри на час кога удрил во запрениот воз.
Истрагата сè уште не утврдила конечна одговорност, а железничките работници и експертите го доведоа во прашање ставот дека одлуката на диспечерот, која Пуенте ја нарече „необјаснива“, укажува на пошироки слабости во системот.
Висенте Алменар, машиновозач на „Ренфе“ и член на синдикатот УГТ, повика на претпазливост, предупредувајќи дека постои силен притисок за забрзување на железничките операции со цел да се спречат доцнењата, објави шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Антонио Тобал, претставник за безбедност на УГТ во „Адиф“, предупреди дека не треба да се бара вината исклучиво во човечка грешка. Тој повика на анализа на работните услови, организациските процедури и обуката на персоналот за постапување во итни случаи.
Други експерти укажаа на брзото проширување на мрежата на брзи железници во Шпанија и на релативно ниските издвојувања за одржување во споредба со другите европски земји.
Тие, исто така, ги доведоа во прашање доцнењата во замената на застарениот автоматски сигнализациски систем на линијата Мадрид – Севиља со Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај.
- Безбедносната евиденција на железницата во Шпанија
Железничките несреќи во Шпанија се во спротивност со добрата безбедносна евиденција на брзите железници во други земји.
Јапонскиот брз воз Шинкансен нема регистрирано ниту една смртна последица меѓу патниците од судири или излетувања од шините откако почнал да сообраќа во 1964 година.
Во Кина се документирани две смртоносни несреќи со брзи возови, во кои загинале 41 лице. Франција, која ја има втората најголема мрежа на брзи железници во Европа, регистрирала 14 загинати патници во три несреќи со возови ТЖВ, меѓу кои и 11 лица за време на пробно возење.
Во двете железнички несреќи во Шпанија оваа година загинале најмалку 115 лица. Уште 80 лица загинаа во излетувањето од шините кај Сантијаго де Компостела во 2013 година.
Денес шпанскиот министер за транспорт ги отфрли повиците за негова оставка.