Erbil Başay
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
БЕРЛИН (АА) - Авионите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ останаа на земја на многу аеродроми, особено во Франкфурт и Минхен, откако персоналот утринава стапи во штрајк на предупредување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Синдикатот „Верди“, кој во првите два круга на колективните преговори не успеа да се договори со„Луфтханза“, побара штрајк на предупредување од 20.000 работници одговорни за логистика, карго, благајна и технички работи, со цел да се зголеми притисокот врз работодавачот.
Предупредувачкиот штрајк започна утрово во 3:45 часот по локално време, а делови од трансакциите на „Луфтханза“ на аеродромите во земјата останаа празни. Авионите на компанијата не полетале од пистата.
„Луфтханза“ за денеска откажа повеќе од илјада лета на аеродромите во Франкфурт и Минхен, а вчера беа откажани 47 лета. Со откажувањето на летовите беа погодени повеќе од 130.000 патници. „Луфтханза“ побара од патниците чии летови беа откажани, да не одат на аеродромите, бидејќи билетарниците ќе бидат затворени.
Според вестите на германската новинска агенција ДПА, 725 од 1.160 лета кои денеска требаше да се извршат во Франкфурт, беа откажани. Со откажувањето на 646 лета на „Луфтханза“ на аеродромот во Франкфурт, откажани се не само летовите на компанијата, туку и некои летови на други авиокомпании за кои е одговорен персоналот на аеродромот.
Портпаролот на „Луфтханза“, Мартин Леутке, во изјава за германските медиуми, нагласувајќи дека штрајкот започнал утринава, рече: „За жал, како што беше најавено вчера, речиси сите авиони мораа да останат на земја во Франкфурт и Минхен.“
Тој ја критикуваше одлуката на синдикатот за штрајк како непотребна и прекумерна, велејќи дека штрајкот влијае на годишниот одмор на луѓето.
Од друга страна, група вработени во „Луфтханза“ одржаа кратки демонстрации пред аеродромот во Берлин со знамињата на синдикатот „Верди“.
Во разговор со новинарот на АА, Холгер Рослер, еден од лидерите на овој синдикат, изјави дека преговорите за плата со „Луфтханза“ продолжуваат.
„„Луфтханза“ до денеска нема поднесено прифатлива понуда. Затоа, пред состаноците што ќе се одржат следната недела, мора да покажеме дека стоиме зад барањата на вработените. Гледаме дека учеството во штрајкот беше многу големо. Вработените очекуваат зголемување на нивните приходи. Инфлацијата е висока. Немаше зголемување на платите поради пандемијата што силно ја погоди воздухопловната индустрија во последните три години. На вработените сега им треба правичен биланс“, рече Рослер.
Предупредувачкиот штрајк ќе продолжи до утре во 6 часот по локално време.
Синдикатот бара зголемување на платите за 9,5 отсто за 12 месеци. Соопштено е дека „Луфтханза“ на вработените им понудила зголемување на платите во две фази од 250 евра за 18 месеци.
Страните повторно ќе се сретнат на 3 и 4 август во Франкфурт за да преговараат за колективен договор.