Handan Kazancı
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
ТОКИО (АА) - Бројот на луѓе на возраст од 100 години и повеќе во Јапонија за првпат надмина 80.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на стогодишници се зголеми за 9.176 од претходната година, на 80.450 заклучно со денес, во 50-тиот последователен годишен пораст, во кој жените учествуваат со 88,2 проценти од вкупниот број“, јави новинската агенција „Кјодо“, повикувајќи се на податоците објавени од јапонското Министерство за здравство и труд.
Префектурата Шимане во западна Јапонија има најголем број стогодишници на 100.000 луѓе (127,60), осма година по ред, а по неа следуваат префектурите Кочи и Тотори со 119,77, односно 109,89.
„Просечниот животен век во Јапонија во 2019 година беше 87,45 години за жените и 81,41 година за мажите“, покажуваат податоците на Министерството за здравство објавени во јули оваа година.
Кане Танака, 117-годишна жена од Фукуока, југозападна Јапонија, е најстарата Јапонка. Таа влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстарото лице што живее во светот.
Следењето на бројот на стогодишниците во Јапонија започна во 1963 година, а нивниот број оттогаш континуирано се зголемува во последните 50 години.