Laith Al-jnaidi,Muhammed Semiz,Hacer Başer
12 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
АМАН (АА) - Судот во Јордан изрече затворски казни во траење од по 15 години на двајца обвинети лица во случајот за обид за пуч во кој се споменуваше и името на поранешниот јордански престолонаследник Хамза бин Хусеин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Државниот суд на Јордан денес им изрече пресуди на поранешниот министер за финансии и шеф на персоналот на кралскиот двор, Басем Авдалах, и на членот на кралското семејство Шариф Хасан бин Зајд, кои се обвинети во случајот познат како „Судење за завера“.
Воениот судија Мувафак ал Мусаид ги нарече настаните од обвинението криминален проект против актуелната власт во Јордан.
Обвинетиот Авдалах и Бин Зајд се прогласени за виновни и изречени им се затворски казни во траење од по 15 години.
Првостепено осудените имаат право во рок од 30 дена да започнат жалбена постапка.
Судењето започна на 21 јуни и изречени им се казни на седмото рочиште. Судот неодамна го одби барањето да бидат повикани на судењето и некои принцови на Јордан во својство на сведоци.
Осудениот Авдалах е државјанин на Јордан, Саудиска Арабија и САД, а американските медиуми неодамна пишуваа дека делегацијата од Саудиска Арабија го посетувала Аман и вршела притисок врз јорданските власти да го ослободат Авдалах.
Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави на 3 април дека во Јордан е уапсен полубратот на јорданскиот крал и поранешен прв престолонаследник Хамза бин Хусеин и уште најмалку 20 лица, кои се товарат за обид за ковање завера против кралот Абдула II.
Јорданските власти потврдија дека се уапсени 16 лица, но дека меѓу нив не бил поранешниот прв престолонаследник Хамза. Војската соопшти дека побарала од принцот да се воздржи од какви било активности што претставуваат ризик по националната безбедност.
Шефот на јорданската дипломатија, Ајман ал Сафади, ден подоцна изјави дека со истрагата е откриено дека поранешниот прв престолонаследник Хамза бил вмешан во опасни активности со странските сили.
Поранешниот прв принц Хамза на 5 април испрати писмо во кое изразил приврзаност кон кралот Абдула II.
Кралот Абдула II два дена подоцна ѝ соопшти на нацијата дека принцот Хамза е со семејството на дворот и дека е завршена заверата.
Државната телевизија на Јордан на 12 април објави дека во духот на традицијата, спорот на кралот и принцот ќе биде решен во кралското семејство и дека принцот Хамза нема да биде процесуиран судски.