Zehra Ulucak
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
СЕУЛ (АА) - Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да ја „спуштат топката“ и да започнат директен дијалог со Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
„За да се воспостави дијалог, САД треба да ја спуштат топката, а Северна Кореја мора да покаже волја за уништување на нуклеарното оружје“, порача Мун во Сеул, по средбата со кинескиот заменик-премиер Лиу Јандонг.
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ објави дека Мун смета оти воспоставувањето на директни преговори помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг би било значајно за надминување на кризата на Корејскиот Полуостров.
„Во последно време, Северна Кореја покажува волја да преговара со САД, а и другата страна укажува на неопходноста од дијалог“, рече Мун, и ги повика кинеските власти да помогнат во процесот за што поскоро воспоставување на споменатиот дијалог.
Вчера, на маргините на затворањето на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Мун се сретна со севернокорејскиот генерал, Ким Јонг Чол, кој ја пренесе пораката дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е подготвен за воспоставување директни врски со САД.
Од Белата куќа утринава беше соопштено дека трајното отстранување на нуклеарното оружје од подрачјето на Корејскиот Полуостров е приоритетна задача и дека Северна Кореја својата подготвеност за дијалог треба да ја потврди со подготвеност да се откаже од својата нуклеарна програма.