Fuat Kabakcı
09 Декември 2022•Ажурирај: 15 Декември 2022
СЕУЛ (АА) - Јужна Кореја го одобри повторното пуштање во употреба на нуклеарниот реактор „Ханбит-4“, каде што е завршена проверката и одржувањето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според наводите на агенцијата „Јонхап“, Комисијата за нуклеарна безбедност на Јужна Кореја објави одлука во врска со реакторот „Ханбит-4“ во нуклеарната електрана „Ханбит“, кој беше деактивиран од 2017 година поради пукнатини во надворешната структура на реакторот.
Нуклеарната електрана „Ханбит“ се наоѓа во Јужна Џеола во западниот дел на земјата.
Комисијата утврди дека е завршен процесот на неопходно одржување и проверка на реакторот „Ханбит-4“ со моќност од 1.000 мегавати.
„Кореја хидро & Нуклеар пауер корпорејшн“ (KHNP), која управува со нуклеарната централа „Ханбит“, соопшти дека реакторот ќе започне со производство на електрична енергија на 11 декември.
Јужна Кореја, која моментално има 25 активни нуклеарни реактори, произведува околу 30 отсто од електричната енергија од нуклеарните електрани.