Zehra Ulucak
01 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја започна независни ископувања на посмртните останки на војниците кои загинаа во Корејската војна во демилитаризираната зона (DMZ), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Министерството за одбрана на Јужна Кореја соопшти дека откако Северна Кореја не одговорила на повикот за започнување на заеднички ископувања во пограничното подрачје на двете земји, одлучиле да започнат независни ископувања“, јави новинската агенција „Јонхап“ (Yonhap).
Заменик-портпаролот на Министерството, Ро Џае Чеон, истакна дека јужнокорејската Војска од денеска ќе започне со основните активности, како и со дополнителни дејствија за отстранување на мините на подрачјето јужно од воената граница, а со цел подготвки за ископување на подрачјето меѓу двете Кореи.
Ро нагласи дека доколку Северна Кореја го прифати повикот на Јужна Кореја, подготвени се да преминат на заеднички ископувања.
Сеул на 6 март ѝ ја испратил на Северна Кореја листата од лицата кои ќе работат на ископувањата, но од Пјонгјанг сѐ уште нема одговор.
Пјонгјанг и Сеул минатата година планираа да започнат заеднички проект за ископувањата.
Сепак, Пјонгјанг сè уште не презема конкретни чекори кон остварување на оваа цел.
Јужна и Северна Кореја во октомври минатата година започнаа со отстранување на минските полиња во демилитаризираната зона. Двете Кореи ги завршија своите активности по 20 дена.