Zehra Ulucak
02 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Јужна Кореја го повикаа раководството на Северна Кореја на состанок на високо ниво, со цел да се разговара за учеството на Северна Кореја на Зимските олимписки игри кои наредниот месец ќе се одржат во јужнокорејскиот град Пјонгчанг, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Мјонг-гуон, предложи делегациите на двете Кореи да се состанат на 9 јануари во пограничното и воено неутрално место Панмунџом.
Корејската новинска агенција „Јонхап“ јавува дека министерот Чо најавил оти акцентот на преговорите ќе биде соработката во врска со организацијата на претстојната Олимпијада, но дека притоа ќе се обиде да наметне и други теми во контекст смирувањето на актуелните тензии на Корејскиот Полуостров.
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун во новогодишното обраќање на нацијата ја повика Јужна Кореја на дијалог и смирување на тензиите, а изрази и подготвеност Северна Кореја да испрати делегација на Олимпијадата во Пјонгчанг.
Раководството на Јужна Кореја ги поздрави пораките на Ким, а претседателот на таа земја Мун Џае-ин нареди со ресорните министерства во Сеул итно да ги преземат потребните мерки за севернокорејските спортисти да учествуваат на претстојната смотра во Пјонгчанг.