Ekipa
21 Ноември 2018•Ажурирај: 21 Ноември 2018
ДУБАИ (АА) - Јужнокореецот Ким Џонг Јанг е избран за следен претседател на Интерпол, заобиколувајќи го ветеранот на руските безбедносни служби за чиј избор имаше големо негодување од САД, Велика Британија и другите европски земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Белата куќа и нејзините европски партнери лобираа против обидите за избор на Александер Прокопчук за следен претседател на полициската организација, нагласувајќи дека неговиот избор ќе води кон понатамошно нарушување на црвениот систем за известување на Интерпол од страна на Русија, со цел гонење на политичките опоненти.
Прокопчук е генерал во руското Министерство за внатрешни работи, и е на функцијата потпретседател на Интерпол.
Победата на Ким значи дека тој обезбедил најмалку двотретинско мнозинство гласови на генералното собрание на Интерпол, коешто се одржа во Дубаи. Неговиот мандат како претседател на Интерпол ќе трае до 2020 година, завршувајќи го четиригодишниот мандат на неговиот претходник, Менг Хонгвеи, кој беше приведен во Кина.