Riyaz Khaliq Khaliq
27 Декември 2024•Ажурирај: 27 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Уставниот суд на Јужна Кореја денес го одржа првото подготвително рочиште за судењето за валидноста на импичментот за претседателот Јун Сук Јеол од Парламентот поради краткотрајното воведување воена состојба, јавува Анадолу.
Адвокатите на Јун, Бае Бо-јун, Јун Гап-геун и Бае Џин-хан се појавија пред највисокиот суд, според вестите на „Јонхап“ со седиште во Сеул.
Судот повторно ќе ги сослуша двете страни на 3 јануари.
Пратениците гласаа за отповикување на Јун (63) на 14 декември поради неговиот неуспешен обид да воведе воена состојба во земјата.
Меѓу другите обвиненија, тој се соочува со обвиненија за предавство и бунт.
Пред судот се појавија и претставници од Парламентот и побараа да се појават 15 сведоци во случајот.
Пратениците ги застапуваат поранешниот судија на Уставниот суд, Ким Ји-су и поранешниот претседател на Националната комисија за човекови права, Сонг Доо-Хван.
Судиите Ли Ми-сон и Чеонг Хјунг-сик претседаваа со сослушувањето.
На 3 декември Јун ја шокира нацијата со најавата за воена состојба, но во рок од шест часа беше принуден да ја поништи наредбата откако вечерта Парламентот го усвои предлогот против неа.
Врховниот суд има шест месеци, од 14 декември, да одлучи дали ќе го потврди или отфрли импичментот, а премиерот Хан Дак-су ја извршува функцијата претседател бидејќи Јун е суспендиран од неговите должности.
Пред првото рочиште на највисокиот суд, Јун одби да ги прими известувањата од Уставниот суд. Но судот рече дека ќе продолжи со неговото судење што почнува денес.
Јун беше отповикан на второто парламентарно гласање одржано на 14 декември, кога најмалку 12 пратеници од неговата Партија на народна моќ му се приклучија на опозицискиот блок од 192 парламентарци, предводен од Демократската партија, за да го суспендираат претседателот.
Во парламентот од 300 места, најмалку 200 пратеници треба да гласаат за суспендирање на актуелниот јужнокорејски претседател.
Ако највисокиот суд го потврди предлогот за импичмент, Јун ќе биде сменет од функцијата и треба да се одржат нови претседателски избори во рок од два месеца од тој датум.
Исто така, Парламентот треба да одржи посебно гласање за отповикување на Хан, вршителот на должноста претседател, откако одби да назначи тројца судии на Уставниот суд.
Ова ќе биде првпат во историјата на Јужна Кореја да се гласа за импичмент на актуелен претседател.