ВЕЛЕС (АА) – Да се биде млад најдобар фудбалер во Македонија претставува чест и задоволство, но истовремено и обврска да се оправда епитетот „најдобар“, вели 18-годишниот Енис Фазлагиќ, кому Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) му го додели признанието „најдобар млад фудбалер за 2018 година“.
Фазлагиќ од средината на оваа година направи траснфер од тетовска Шкендија во Жилина, фудбалски клуб во Словачка, каде што моментално е стандарден првотимец.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) младиот фудбалер говореше за своите успеси, условите за работа на младите фудбалери и можноста за нивно напредување во земјата и во странство, како и за идните перспективи.
Вели дека е среќен и задоволен затоа што ова признание за него е своевидна потврда за тоа дека и покрај сѐ, до израз доаѓа трудот кој го вложил во својата фудбалска кариера и дека е резултат на неговата огромна љубов кон фудбалот уште од мали нозе.
„Кога го работите она што го сакате, не ви е проблем да одвоите време за тренинг и да се посветите целосно на таа работа. Тоа е обврска и едноставно решение да се направи некој успех“, вели Фазлагиќ, кој смета дека пожртвуваноста и сериозниот пристап кон која било работа, па и во фудбалот, по одредено време ги дава своите резултати.
Моментално, тој е стандарден првотимец во везниот ред на фудбалскиот клуб Жилина од Словачка, кој се наоѓа на третото место на табелата на Првата лига во оваа држава.
„Жилина е еден многу убав клуб за млади играчи бидејќи ни дава голема шанса и огромен простор да го искажеме нашиот потенцијал и нашиот талент. Токму поради тоа се одлучив да отидам во Жилина. Тоа е клуб што води сметка за младите играчи и затоа би сакал сите млади играчи да играат за клуб како што е Жилина и да имаат персонал кој ќе се грижи за тоа“, смета овој млад фудбалер.
- Искуствата од тетовска Шкендија
Говорејќи за својата досегашна фудбалска кариера, потсетува дека пред да биде дел од клубот Жилина, настапувал за тетовска Шкендија, истакнувајќи дека бил одлично прифатен од соиграчите.
„Јас бев од 2015 година во Шкендија. Три години поминав таму. Беше тоа еден исклучително убав период за мене. Како млад играч отидов во нова средина, каде што ме прифатија одлично, ми дадоа можност да го правам она што најмногу го сакам, да играм фудбал, да бидам среќен, задоволен, и на крајот, мојата последна сезона во Шкендија за мене беше многу успешна, како во младинските категории, така и во првиот тим. Иако ова е индивидуална награда, сепак сметам дека е и колективна“, изјавува Фазлагиќ, упатувајќи благодарност до фудбалерите на Шкендија, како и на тренерите кои му дале можност да настапува.
Тој порачува дека нема класична формула за успех во фудбалот, туку дека успехот е резултат на посветена работа и сериозен пристап и огромна љубов кон она што го работите.
„Само да се фокусирате на работата што ја сакате, да ја работите со желба, дисциплина и нормално, работа, работа и само работа...“, вели Фазлагиќ.
Во однос на условите за развој на младите фудбалери во Македонија и во клубовите во странство, тој вели дека пристапот кон работата и потребните услови се поинакви.
„Имаме доста подобри услови за работа. И тука можеби има доста квалитет, но за младите играчи нема толку доволно ресурси за работа, инфраструктура, терени. За младиот играч е најбитно да игра и да се развива на најдобар можен начин“, додава Фазлагиќ.
Овој млад фудбалер е дел од младинската фудбалска репрезентација на Македонија (У21). Смета дека атмосферата во репрезентацијата е одлична и очекува успех во претстојните натпреварувања.
„Имаме навистина една семејна атмосфера. Се согласуваме, почитуваме и сакаме меѓу себе. Постои добар однос со сите играчи. Имаме еден нов циклус пред нас во кој се надевам ќе направиме добра работа и ќе постигнеме успех за нас и за Македонија“, вели Фазлагиќ. Додавајќи дека сите фудбалери од младинската репрезентација на Македонија се одлични личности и спортисти, го издвои репрезентативецот Агрон Руфати од Локомотива Загреб, како добар соиграч и личност.
- „Фудбалот во Турција е квалитетен"
Осврнувајќи се на Првата фудбалска лига во Турција, Фазлагиќ вели дека ги следи натпреварите во оваа лига, особено натпреварите на Фенербахче, тимот за кој настапува младиот Елиф Елмас, кој исто така е дел од репрезентацијата на Македонија.
„Во последно време доста го следам турскиот фудбал поради тоа што мојот колега и добар другар Елиф Елмас е таму. Него и неговите натпревари ги следам секогаш, како и другите натпревари во Турција. Фудбалот е доста квалитетен, има добри и искусни играчи од странски клубови кои дојдоа таму. Многу квалитетна лига, доста изедначена, клубовите во врвот се доста добри и квалитетни“, вели Фазлагиќ.
Меѓу другото, овој млад фудбалер информираше и дека за време на неговиот ангажман во Шкендија, неколкупати веќе престојувал на подготвителни тренинг-кампови во турската Анталија, за кои вели дека имаат одлични услови за работа што им овозможувало добри подготовки.
„Што се однесува до Анталија, имаат одлични услови за работа, тренинг-кампови, хотели... Секоја година одиме таму на подготовки, секогаш убаво поминуваме, добро нѐ прифаќаат, се грижат за нас и добро се подготвуваме“, рече Фазлагиќ.
Инаку, Енис Фазлагиќ (18) потекнува од велешко Горно Оризари. Своите први чекори во фудбалот ги направил во фудбалската школа „Велес“, а потоа во фудбалската школа „Форца Џипунов“ во Скопје. Во 2015 година стана дел од тетовскиот клуб Шкендија за кој настапуваше до средината на оваа година, од каде што направи трансфер во словачката Жилина.