Oktaj Omeragikj
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
СКОПЈЕ
Денес се игра второто полуфинале на 16. Европско фудбалско првенство ЕВРО 2020, меѓу репрезентациите на Англија и Данска, известува Агенција Анадолија (АА).
Вториот полуфинален натпревар на ЕВРО 2020, Англија и Данска ќе го играат на стадионот „Вембли“ во Лондон. Средбата започнува во 21:00 часот. Репрезентацијата на Англија ќе ја има предноста на домашниот терен. Победникот на средбата ќе се пласира во финалето на ЕВРО 2020, каде што ќе игра против селекцијата на Италија.
Англија и Данска досега меѓусебно имаат одиграно 21 натпревар. Англија победи на 12 средби, 5 дуели завршија без победник, а Данска успеа да извојува победа на 4 средби.
Овие две репрезентации последниот дуел го имаат одиграно на 14 октомври 2020 година во рамките на УЕФА Лигата на нации. На оваа средба Англија загуби од Данска со 0:1.
Најголемиот успех на репрезентацијата на Англија е третото место на првенството одржано 1968 година, додека во 1996 година во полуфиналето загуби од Германија. Доколку Англија успее да ја совлада Данска, тоа ќе биде прво финале за Англија на европските фудбалски првенства.
Репрезентацијата на Данска ќе се обиде со победа над Англија да се пласира во финалето, со цел да го повтори успехот од 1992 година кога со 2:0 ја совлада Германија и стана Шампион на Европа во фудбал.
- Италија се пласираше во финалето
Во првиот полуфинален натпревар на ЕВРО 2020, што синоќа се одигра меѓу репрезентациите на Италија и Шпанија, Италија победи по изведувањето на пеналите и стана првиот финалист на Европското фудбалско првенство.
Првото полувреме на средбата заврши без постигнат гол 0:0. Во второто полувреме Италија поведе со 1:0 со голот што Фредерико Киеза го постигна во 60. минута од средбата. Шпанија ги интензивираше нападите и во 80. минута од натпреварот го изедначи резултатот на 1:1 со погодокот што го постигна Алваро Мората.
Откако натпреварот заврши без победник и по двете продолженија од по 15 минути, се премина на изведување на ударите од белата точка. Италија го доби правото прва да ги изведува ударите од белата точка.
Во првото изведување на пеналите ниту Локатели за Италија, ниту Олмо не успеаја да постигнат погодок од белата точка.
Во втората и третата серија Белоти и Бонучи беа прецизни изведувачи на пеналите за Италија, а успешни беа и Морено и Алкантара за Шпанија, со што резултатот во изведувањето на ударите од единаесетте метри беше 2:2. Во четвртата серија Федерико Бернардески успеа да постигне гол за Италија, додека Мората не успеа да постигне гол од единаесет метри, по што Италија поведе со 3:2. Во последната, петта серија, Жоржињо постигна погодок од белата точка и ѝ донесе победа на Италија од 4:2 во изведувањето на ударите од единаесет метри, со што стана и првиот финалист на ЕВРО 2020.
Италија во 1968 година ја освои својата единствена титула на европските првенства со победата во финалето против репрезентацијата на тогашната СФРЈ.