Dejan Maksimovic
04 Мај 2020•Ажурирано: 07 Јуни 2020
МАДРИД
Фудбалерите и стручниот штаб на Атлетико Мадрид ќе бидат подложени на тестирање за коронавирусот на 6 мај, пред потенцијалното враќање на тренинзите, потврдија од шпанскиот клуб, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Атлетико ќе ги тестира сите членови на првиот тим, пред да даде „зелено светло“ за тренинзите кои би требало да почнат од 8 мај.
Владата на Шпанија во последниве денови го потврди ублажувањето на одредени рестриктивни мерки воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, а нултата фаза на враќање во нормала почнува денес.
Во сите клубови на Ла Лига оваа недела ќе биде извршена инспекција на тренинг-камповите од страна на здравствените власти, а најголем дел ќе спроведат тестирање за играчите и стручните штабови.
Според известувањето на мадридските медиуми, се очекува Атлетико да ги добие резултатите од тестирањето во рок од 48 часа од земањето на примероците со посредство на Националниот спортски совет (CSD). Атлетико потоа би можел да почне со одржување индивидуални тренинзи од 8 мај, но најверојатно ќе им овозможи на играчите и на персоналот да се одморат уште еден викенд и потоа да започнат со работа на 11 мај.
Тоа ќе биде почеток на реализација на планот за враќање на клубовите од Ла Лигата, а ќе следуваат тренинзи во мали групи и на крајот целосно нормален процес на тренинзи во пресрет на продолжувањето на сезоната.
Шпанската Ла Лига беше прекината на 12 март поради глобалната пандемија на новиот коронавирус, а предвидувањата велат дека може да продолжи кон крајот на мај или почетокот на јуни. Во моментот на прекинување на сезоната, по одиграни 27 кола, лидер на табелата беше Барселона со 58 бода, два повеќе од второпласираниот Реал Мадрид.