19 Јуни 2024•Ажурирај: 20 Јуни 2024
ЛАЈПЦИГ / ДОРТМУНД (АА) - Вчера се одиграа двата дуели од групата Ф со што заврши првото коло од групната фаза на ЕВРО 2024. Португалија со 2:1 ја совлада селекцијата на Чешка, а Туркије славеше над Грузија со резултат 3:1, јавува Анадолу.
На натпреварот меѓу Португалија и Чешка што се одигра во Лајпциг, чешкиот тим поведе со 0:1 со голот на Лукаш Провод во 62. минута.
Португалија успеа да го израмни резултатот во 69. минута со автоголот на Робин Хранац. Во судиското продолжение, во 90+2 минута, победата на Португалија од 2:1 ѝ ја донесе Франциско Консеико кој во 90. минута влезе на местото на Витиња.
Во терминот од 18:00 часот во истата група се одигра дуелот меѓу Туркије и Грузија.
Натпреварот се одигра на стадионот „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд чии трибини беа преполни, главно со турски навивачи.
- Извонреден гол на Арда Ѓулер за репрезентацијата на Туркије -
Турската репрезентација поведе со 1:0 во 25. минута со голот на Мерт Мулдур. Веќе во 28. минута Туркије изведе извонреден контранапад по кој Јилдиз постигна погодок, но голот беше поништен поради офсајд. Ова како да ги разбуди Грузијците кои во 32. минута израмнија на 1:1 со погодокот на Жорж Микаутадзе, резултат со кој се замина на полувреме.
Селекцијата на Туркије во 65. минута поведе 2:1 со извонредниот гол на Арда Ѓулер. Во судиското продолжение, откако на половината на Туркије се пресели и грузискиот голман Мамардашвили, Туркије изведе контранапад, а резервниот играч Керем Актуркоглу, кој на теренот влезе во 85. минута, постигна погодок практично во последните секунди од натпреварот (во 90+7 минута) и на својата репрезентација ѝ донесе победа од 3:1.
Денес ќе се одиграат три натпревари од второто коло на групната фаза на ЕВРО 2024. На програмата се средбите:
15:00 Хрватска - Албанија;
18:00 Германија - Унгарија;
21:00 Шкотска - Швајцарија.