Dejan Maksimovic
08 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
МАНЧЕСТЕР (АА) - Одион Игало, фудбалерот на Манчестер Јунајтед, во пресрет на дербито против Сити откри дека како дете во Нигерија ги трошел парите за ужина за да ги гледа натпреварите на клубот во кој игра денес, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Игало во Јунајтед дојде како позајмица од кинески Шангај Шенхуа во финишот на зимскиот преоден рок, и иако многумина се сомневаа, за кратко време покажа дека е вистинско засилување во нападот на славниот клуб од „Олд Трафорд“.
„Знам дека многу фудбалери кога доаѓаат во некој клуб велат дека го исполниле својот сон. Го почитувам тоа, но мојот случај е поразличен. Оној што ме познава уште од дете, знае дека моите браќа и јас навивавме за Манчестер Јунајтед. Плаќавме за да го гледаме Манчестер Јунајтед. Во Нигерија мора да имате спортски канали за да го гледате, но тоа не може да си го дозволи секој. Моите родители не можеа да си го дозволат тоа, затоа требаше да го платиме тоа во центрите за гледање натпревари. Плаќавме да гледаме“, рече Игало во разговорот со „Скај спортс“ (Sky Sports), и додаде:
„Пораснав во Аџегунле, кој е како гето и беше навистина тешко да се живее таму. Кога доаѓаа викендите сите беа возбудени затоа што сакаа да го следат Манчестер Јунајтед. Ги штедевме парите кои ни ги даваа за ужина во училиште. Штедевме малку по малку и кога ќе дојдеше викендот, сите беа подготвени. Имате свој дрес, кој ќе го исперете пред викендот. Го облекувате и одите во центарот за гледање, а таму беше лудница. Некои други навивачи сакаат Манчестер Јунајтед да изгуби, а јас сакам да победи. Потоа почнуваат кавги, викање, врескање и сè останато“.
Игало вели дека во малите простории за гледање натпревари се собирале и до 200 луѓе и истакнува дека кога денес ќе се сети на сето тоа само се насмевнува и помислува:
„Од Аџегунле до „Театарот на соништата“. За мене тоа е прекрасен момент и навистина уживам. Ова се најсреќните моменти во мојот живот. Играм за тимот од моите соништа, тим за кој навивав од кога бев дете“, вели нигерискиот фудбалер.
Одличниот 30-годишен напаѓач од доаѓањето во Манчестер Јунајтед има шест настапи и постигна три гола. Претходно во текот на кариерата играше за нигериските клубови Прајм и Џулиус Бергер, а потоа замина во Европа. Првин настапуваше за норвешки Лин, а потоа го носеше дресот на Удинезе, Гранада, Чесена и Ватфорд, од каде што во 2017 година замина во кинески Чангчун Јатаи. Во Јунајтед пристигна во јануари оваа година како позајмица од Шангај Шенхуа. За репрезентацијата на Нигерија одигра 35 натпревари и постигна 16 голови.