Ekipa
22 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
ПЕКИНГ (АА) - За да ги оствари остварените резултати во фудбалот и да ја оствари целта да израсне во фудбалска велесила, Кина планира до 2025 да го зголеми бројот на фудбалските академии на 50.000, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според претходните најави, бројот на специјални фудбалски академии до 2020 година би требало да се зголеми на околу 20.000.
Како што пренесуваат кинеските медиуми, потпретседателот на Фудбалскиот сојуз, Ванг Денгфенг изјави дека секое училиште просечно ќе може да тренира 1.000 млади играчи и да го оствари претходно најавениот план којшто предвидува во наредната деценија дури 50 милиони момчиња да почнат да се занимаваат со фудбал.
„Ова е солиден начин да ги избереме фудбалските таленти за нашата иднина. Подобрувањето на кинескиот фудбал не е веќе само сон“, изјави Ванг.
Кинеската фудбалска репрезентација само еднаш се пласираше на Светското првенство, а претседателот на таа земја, Си Ѓинпинг фудбалот како приоритет го стави високо на листата на спортски, но и на национални интереси. Зацртаните цели се таа земја повторно да се пласира на елитното светско натпреварување и да го освои првенството до 2050 година.
За да дојде до целта, Кина минатата недела го ангажираше прославениот италијански тренер Марчело Липи за тренер на националниот тим. Владата исто така издаде наредба во наредните неколку години во употреба да се стават околу 70.000 терени за тренинг.
Кинеските клубови минатата година ангажираа неколку фудбалски ѕвезди како Алекс Теишеира и Џексон Мартинез, и го изненадија светот со огромните суми што ги платија за тие играчи, но предизвикаа и загриженост со тоа да не ги занемаруваат домашните таленти.
Како одговор на тоа, Фудбалскиот сојуз на Кина минатиот месец најави низа мерки за да се спречи „ирационалното“ трошење на пари. Тој донесе одлука да се намали бројот на странските играчи кои можат да играат во кинеските клубови од четири на три и побара секој тим во својата прва постава да мора да вклучи најмалку двајца кинески играчи помлади од 23 години.