Selçuk Buğra Gökalp
13 Февруари 2023•Ажурирај: 17 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси упати апел за помош на погодените од земјотресот во Туркије, јавува Анадолу.
Меси ги повика своите следбеници на Инстаграм да му помогнат на УНИЦЕФ, чија цел е да им помогне на децата погодени од земјотресот.
„Ова се многу тажни денови за илјадниците деца и нивните семејства кои се погодени од разорните земјотреси во Туркије и Сирија“, напиша 35-годишниот фудбалер. „Моето срце е со нив. УНИЦЕФ работи во областа од самиот почеток за заштита на децата. Вашата помош е многу вредна!“
Меси претходно го донираше својот потпишан дрес од Париз Сен Жермен во кампањата на турскиот репрезентативец Мерих Демирал, кој организира аукција на потпишани дресови на познати играчи за да собере средства за помош на настраданите од земјотресот.
Над 29.600 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја погодија јужна Туркије оваа недела, според најновите официјални податоци.
Минатиот понеделник, земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во областа Кахраманмараш погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 10 области, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатја, Османије и Шанлиурфа.