Yunus Kaymaz
19 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ЈУНУС КАЈМАЗ -
Португалскиот фудбалски експерт Жозе Мурињо доби отказ и ја плати цената за најлошиот старт на Манчестер јунајтед во Премиер лигата во 21 век, јавува Anadolu Agency (AA).
Тимот од „Олд Трафорд“ во 17 натпревари собра 26 бода и се наоѓа на шесто место на табелата на Премиер лигата. Еден од најтрофејните клубови на Англија толку лош почеток немал уште од сезоната 1989/1990.
Поради лошите резултати е отпуштен шефот на стручниот штаб Мурињо, кој во изминатите три сезони не успеа да ги оствари очекувањата на навивачите и на управата на клубот.

Мурињо е доведен да го запре лошиот тренд кој Манчестер јунајтед го бележеше од заминувањето на славниот експерт Алекс Фергусон, но 29-те дадени и исто толку примени голови во 17 лигашки натпревари се далеку од очекуваното.
Иако е познат по тактичката игра базирана на цврста одбрана, Мурињо со Манчестер оваа сезона не успеа да ги запре напаѓачите на противничките тимови. За тоа најдобро сведочи податокот дека Манчестер јунајтед како вицепрвак минатата сезона во сите 238 натпревари прими 28 гола, а оваа сезона таа бројка ја надмина во само 17 натпревари.
Во богатата тренерска кариера, Мурињо водеше големи тимови како што се Челзи, Реал Мадрид и Интер и освои вкупно 16 трофеи. Меѓутоа, овогодишните лоши резултати на клупата на Манчестер јунајтед наликуваат на фијаското што пред три години го доживеа како повратник на клупата на лондонски Челзи. И тогаш од него се очекуваше многу, а остварен е еден од најлошите стартови на сезоната на тој клуб.
Од доаѓањето на „Олд Трафорд“, Мурињо од 2016 година досега за вкупно 11 зајакнувања потроши 360 милиони фунти, но резултатите не ги оправдаа инвестициите.
Мурињо за рекордни 89 милиони фунти во Манчестер јунајтед го донесе Пауло Погба, кој поради лошите партии се најде на удар на критиките, а потоа дојдоа и нивните меѓусебни спорови, па медиумите од Островот често пишуваат дека Погба би се вратил во Јувентус.
Уште некои од „промашените“ трансфери на Мурињо се и Ромелу Лукаку, кој во Евертон е платен 75 милиони фунти, и Алексис Санчез кој има неделна плата од половина милион фунти.
Мурињо со Манчестер јунајтед освои три трофеи, но не и оној најважниот, титулата првак на Премиер лигата. Комјунити шилд, Лига купот и трофејот на Европската лига не ги задоволија апетитите на така големиот клуб.
За време на кариерата Мурињо не сокриваше дека му е желба од клупата да го води Манчестер јунајтед, но не успеа да ја искористи приликата што ја доби во тој клуб.
Меѓутоа, харизматичниот португалски експерт Мурињо од „Олд Трафорд“ не заминува со празни џебови. Англиските медиуми известуваат дека поради раскин на договорот, тој добил обештетување од 22,5 милиони фунти.
Управата и навивачите на Манчестер јунајтед очекуваат подобри резултати во продолжение на сезоната, па затоа до крајот на сезоната на клупата ќе седи Норвежанецот Оле Гунар Солскјер. Тој и за време на играчката кариера се сметаше за „џокер“ на клупата, кој по влегувањето во игра постигнуваше важни голови за Манчестер.