ТОКИО
Во текот на Олимписките игри во Токио 2020 година се случија незаборавни моменти, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 32. Летни олимписки игри, најголемата светска спортска организација одржана во сенката на Ковид-19, учествуваа повеќе од 11.000 спортисти од 205 земји. Спортистите се натпреваруваа 16 дена.
Игрите, што требаше да се одржат во 2020 година, беа одложени за една година поради појавата на Ковид-19. Олимписките игри се одиграа без публика и влегоа во историјата.
Во Игрите, чие официјално отворање се одржа на 23 јули, спортистите се бореа за медали во многу дисциплини.
На 11-тиот ден од Игрите, се одржа најдобрата трка на 400 метри со пречки во историјата.
Во финалето на 400 метри со пречки, каде што исто така настапи и турскиот атлетичар Јасмани Копело Ескобар кој го освои 6-тото место, беа соборени рекорди на различни полиња.
Норвежанецот Карстен Вархолм, број 1 во светот, победи на трката со време од 45,94 со што го собори сопствениот светски рекорд од 46,70.
Американецот Раи Бенџамин го урна рекордот на Северна Америка со време од 46,17 и го освои сребрениот медал, додека Алисон дос Сантос од Бразил го собори рекордот на Јужна Америка со време од 46,72.
Турскиот атлетичар Ескобар, пак, во финалето го повтори сопствениот рекорд.
Во пливање на 100 метри грбно во женска конкуренција соборени се рекордите во два последователни дена.
Реган Смит од САД го собори олимпискиот рекорд со време од 57,86 во полуфиналната трка. Имаше голема борба за медалите во последната трка, а Австралијката Кајли Меккион го собори олимпискиот рекорд со 57,47 и го освои златниот медал. Реган Смит, кој го собори рекордот во полуфиналето, го освои бронзениот медал со време од 58,05.
Покрај пливањето, спортистите успеаја да соборат нови рекорди во кревање тегови и стрелање.
Тенисот беше една од најинтересните дисциплини во Игрите. Познатите имиња беа елиминирани рано во игрите.
Австралијката Ешли Барти, која е број еден на ВТА-листата, беше поразена во првото коло. Со поразот од Шпанката Сара Сорибес Тормо, 48-мата на светската ранг-листа, Барти рано се прости од Игрите.
И светскиот рекет број 2, Наоми Осака, која исто така беше една од фаворитките, е елиминирана во третото коло од светскиот рекет број 42, Маркета Вондроушова, тенисерката од Чешка.
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, светскиот рекет број 1, ја пропушти својата шанса да го освои „златниот слем“. Ѓоковиќ на Токио 2020 година беше елиминиран од Германецот Александар Зверев во полуфиналето.
Ѓоковиќ, кој ги освои титулите на Австралија опен, Франција опен и Вимблдон оваа година, имаше за цел да го освои Отвореното тениско првенство на САД, последниот голем тениски турнир во 2021 година, по победата во Токио 2020 година. Со тоа, Ѓоковиќ ја пропушти можноста да стане првиот и единствен машки тенисер што успеал да стигне до „златен слем“ во историјата.
Едно од имињата за кои многу се зборуваше во игрите беше американската гимнастичарка Симон Бајлс.
Бајлс, една од најважните гимнастичарки во светот, не учествуваше на некои натпревари во Токио 2020 поради проблеми со менталното здравје.
Дваесет и четиригодишната спортистка, која не се пласираше во финалето во прескок, асиметрични шипки и вежба на партер, на 11-тиот ден од Игрите настапи на греда.
Американската гимнастичарка го освои бронзениот медал во оваа категорија, заостанувајќи зад кинеските натпреварувачи.
И покрај проблемите што ги имаше, Симон Бајлс успеа да го освои 31-от медал во кариерата.
Алжирскиот џудист Фетхи Нурин се повлече од Игрите поради поддршка на Палестина.
Нурин, кој се натпреваруваше во категоријата до 73 килограми, одлучи да се повлече од Игрите за да не се натпреварува со спортистот од Израел, Тохар Бутбул.
Меѓународната џудо-федерација поради таквата одлука ја суспендираше лиценцата на алжирскиот џудист.
Екипата на САД, составена од НБА-играчи, во групната фаза загуби од Франција со резултат 83:76.
И покрај тоа што загубија на Олимпијада по 17 години, САД сепак го освоија златниот медал победувајќи ја Франција во финалето со 87:82.
По Пекинг 2008, Лондон 2012 и Рио 2016, САД и во Токио 2020 година го освоија златниот медал. САД по 16-ти пат станаа шампион во машка конкуренција. На Олимпијадите машката репрезентација на САД учествуваше по 20-ти пат.
Од Олимпијадата беше избркан Патрик Мостер, спортскиот директор на Германската велосипедска унија, кој даде расистички изјави за Етиопјанецот Амануел Гебрезгабихир и Алжирецот Азедин Лагаб за време на трките со велосипед.
Иако подоцна се извини, Мостер беше отпуштен и од Германската олимписка спортска конфедерација.
Сан Марино ја доживеа својата прва радост со освојувањето на првиот медал на Олимписките игри во Токио 2020 година.
Сан Марино, со 34.000 жители, првиот медал на Олимпијадите го освои со Алесандра Перили. Таа во категоријата стрелање го освои бронзениот медал. Потоа, Сан Марино, исто така освои еден сребрен медал во атлетика и бронзен медал во борење, со што влезе во историјата како најмалата земја што освоила медал на Олимпијадите.
Сан Марино, што учествуваше на игрите со 5 спортисти, покажа голем успех со освојувањето на вкупно 3 медали.
Од друга страна, Гана освои олимписки медал по 29 години. Боксерот Самуел Такји го освои бронзениот медал во бокс. Гана последен пат освои медал на Олимпијадата во Барселона во 1992 година.
Во меѓувреме, катарскиот кревач на тегови Фарес Ибрахим Елбах го освои златниот медал во категоријата до 96 килограми, со што стана првиот олимписки шампион во историјата на неговата земја.
Во Токио 2020 двајца спортисти го освоија златниот медал во дисциплината скок во височина за мажи.
Мутаз Еса Баршим од Катар, италијанскиот атлетичар Џанмарко Тамбери и Белорусинот Максим Недасекау постигнаа ист резултат скокајќи 2,37 метри.
Баршим и Тамбери го поделија златниот олимписки медал со ист број валидни скокови од тројцата спортисти. Недасекау, кој заостана зад своите ривали, го освои бронзениот медал.
Најголемиот ривал на турскиот борач Риза Кајаалп во грчко-римско борење до 130 килограми, Кубанецот Михаин Лопез Нунез, на Токио 2020 година стана едно од имињата што влегоа во историјата.
Лопез, кој стана олимписки шампион на Токио 2020, влезе во историјата како прв борач што освоил последователни златни медали на 4 Олимпијади.
Атлетичарката Алисон Феликс од САД го зголеми бројот на освоени медали на Олимпијадите.
Таа во штафетна трка 4х400 метри за жени во атлетика го освои златниот медал.
Феликс, исто така, го освои бронзениот медал во финалето на 400 метри, со што бројот на освоените медали на Олимпијадите го зголеми на 11.
Во атлетиката беше постигнат уште еден историски резултат во женското финале на 1.500 метри.
Етиопската атлетичарка Фаит Кипегон, соборувајќи го олимпискиот рекорд, го освои златниот медал. Таа успеа да го стори тоа со резултат од 3:53:11, надминувајќи го резултатот на Романката Пола Иван од 3:53:96 постигнат во 1988 година во Сеул, пред 33 години.
Во Токио 2020 година беше соборен уште еден рекорд во атлетика поставен во Сеул 1988 година.
Во финалето на 100 метри за жени, Елејн Томсон од Јамајка го освои златниот медал со време од 10:61 со што го собори олимпискиот рекорд постигнат во 1988 година во Сеул од атлетичарката од САД, Флоренс Грифит Џојнер. Таа постигна резултат од 10:62.
На Токио 2020, спортистите за прв пат се натпреваруваа во 4 нови дисциплини.
Спортско качување, карате, скејтбординг и сурфање се дисциплините што за прв пат беа вклучени во програмата Токио 2020. Бејзболот, кој за прв пат беше вклучен во програмата во Пекинг 2008 година, повторно беше додаден во игрите.
Германскиот женски национален тим за гимнастика на натпреварите во Токио 2020 учествуваше во облека што го покрива целото тело за да заземе став „против сексуализацијата на жените во гимнастиката“.
Германките Елизабет Зајц и Ким Буи, кои неодамна учествуваа на шампионатите со различни стилови на облека, на натпреварите влегоа во костими за капење што го покриваат целото тело, наместо во костими за капење каде што нозете се отворени.
Германските спортистки за прв пат ја променија облеката на Европското првенство во уметничка гимнастика, што се одржа во април. Тие истакнаа дека го сториле тоа со цел да заземат став против сексуализацијата на жените во гимнастиката, а за тоа добиле многу пораки со поддршка од нивните колеги од целиот свет.
Поради допинг-скандалот, на руските спортисти на Олимпијадата не им беше дозволено да учествуваат во име на Русија. Тие се бореа за медали без да ја користат нивната национална химна.
Спортистите се натпреваруваа под името на Рускиот олимписки комитет.
Како и во Рио 2016 година, на Токио 2020 година се натпреваруваа и спортисти бегалци.
Олимписките спортисти бегалци, кои ги претставуваа 82 милиони раселени луѓе низ целиот свет, на Игрите учествуваа со 29 спортисти во 12 дисциплини.
Проблемот со Ковид-19, поради што игрите беа одложени за една година, им задаваше проблеми на акредитираните лица.
На последниот ден од Токио 2020 година, беше соопштено дека бројот на акредитирани лица заразени со Ковид-19 се зголемил на 430.
Меѓу акредитираните лица се 29 спортисти, 25 медиумски работници, 21 волонтер и 109 лица од персоналот поврзан со Олимпијадата.
Јапонците, кои не го поддржаа одржувањето на Игрите и организираа кампања со потписи за да ги спречат Игрите, исто така, протестираа во деновите на отворањето и затворањето на Олимпијадата.
Јапонците, кои се собраа да протестираат околу Јапонскиот национален стадион, каде што се одржа церемонијата на отворање, на ист начин се собраа и при церемонијата на затворањето.
news_share_descriptionsubscription_contact
