Dejan Maksimovic
02 Август 2017•Ажурирај: 02 Август 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Бразилскиот фудбалер Нејмар го испочитува договорот со клуботт и се појави утринава во тренинг-кампот на Барселона „Ciutat Esportiva“. Меѓутоа, според наводите на шпанските медиуми, таму се задржал 43 минути, а потоа со својот автомобил го напуштил центарот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според истите извори, Нејмар се поздравил на соиграчите и им кажал дека има намера да го напушти клубот. Малку подоцна дојде и потврдата од Барселона, која објави дека бразилскиот напаѓач изразил желба да го напушти клубот, по кое тренерот Ернесто Валведре му допуштил да го напушти тренингот на екипата.
Со ова стана извесно дека Нејмар, за кого веќе со денови се пишува дека ќе премине во Пари Сен Жермен, ќе ја прифати понудата од градот на светлината и ќе побара нов предизвик во кариерата. Доколку трансферот навистина се реализира, Нејмар ќе стане најскапо платениот фудбалер во исоријата на фудбалот, бидејќи парискиот клуб треба да уплати 222 милиони евра надомест на Барселона. Наводно Нејмар ќе заработува 30 милиони евра годишно, и тоа по платениот данок.
Нејмар во Барселона стигна во 2013 година и од тогаш одигра 186 официјални натпревари, и постигна 105 голови. Во дресот на репрезентацијата на Бразил настапи 77 пати со 52 гола.