Tevfik Durul
15 Мај 2020•Ажурирај: 16 Мај 2020
АНКАРА
Генералниот секретар на Советот на турски земји, Бахдад Амрејев, објави соопштение во кое се наведува дека 4. Светски номадски игри кои беа планирани оваа година да бидат одржани во Турција, се откажани за наредната година поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Амрејев објави писмено соопштение во врска со одложувањето на 4. Светски номадски игри.
Во текстот Амрејев потсетува дека на 2. Самит на Советот на турски земји што во 2012 година се одржа во Бишкек, била донесена одлука за заживување, развивање и заштита на турските национални игри, поради што е започната иницијатива за организирање на светски номадски игри, истакнувајќи дека таа иницијатива е силно поддржана од претседателите на земјите членки на Советот на турски земји.
Амрејев истакна дека Светските номадски игри кои се поддржани од страна на земјите членки на Советот и од Секретаријатот на Советот на турските земји, досега се одржани трипати, потенцирајќи дека Светските номадски игри се единствена обединувачка иницијатива која го претставува културното наследство на сите земји и народи коишто го говорат турскиот јазик. Тој истакна дека Светските номадски игри на едно место собрале илјадници спортисти, гледачи и високи владини претставници од целиот свет.
Амрејев рече дека благодарение на презентирањето на различни традиционални спортски дисциплини, Светските номадски игри претставуваат прослава на различноста и интеркултурниот дијалог кои на најдобар начин ја демонстрираат единствената сила на спортот во соединувањето на различните заедници под еден слоган, истакнувајќи дека овие игри имале многу голем ефект во промовирањето на старата култура и традиција на народите што го зборуваат турскиот јазик.
Потсетувајќи дека на 6. Самит на турските земји што се одржа во Чолпон-Ата 2018 година заедно со 3. Светски номадски игри, шефовите на државите одлучија четвртите игри да се одржат во Турција во 2020 година, Амрејев во своето писмено обраќање истакнува:
„Покрај сите подготовки од страна на Турција заедно со останатите земји и Секретеријатот на Советот на турски земји, а со цел одржување на одлични игри во Турција, 4. Светски номадски игри мораа да бидат одложени за 2021 година поради пандемијата на Ковид-19 која го зафати целиот свет.“
Истакнувајќи дека во овој момент примарно е здравјето на спортистите и на сите учесници, Амрејев додава: „Уверен сум дека Светските номадски игри, кои со заеднички напори на земјите членки постепено стануваат светски бренд, ќе се одржат во Турција во 2021 година на начин достоен на зедничкото наследство на турските земји и народи коишто го говорат турскиот јазик, притоа обезбедувајќи заштита на здравјето на спортистите и на сите останати учесници од целиот свет. Секретаријатот на Советот на турски земји ќе ја преземе потребната улога во успешното спроведување на 4. Светски номадски игри како што тоа го правеше и во сите претходни игри.“