Fatih Erel
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
Раководството на англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед соопшти дека норвешкиот фудбалски стручњак Оле Гунар Солскер повеќе не е шеф на стручниот штаб, известува Агенција Анадолија (АА).
„Солскер секогаш ќе биде легенда на Манчестер Јунајтед и тажни сме поради оваа тешка одлука. И покрај разочарувањата во изминатите неколку недели, не треба да се заборави дека тој во изминатите три години многу работеше на долгорочни планови за изградба на нови темели за успех“, се наведува во соопштението на раководството на клубот од „Олд Трафорд“.
Поранешниот голгетер Солскер отпуштен е од тренерската позиција на Манчестер Јунајтед, со кој имаше договор до 2024 година. До ова дојде откако во изминатите 7 лигашки натпревари Манчестер Ј. постигна само една победа. Вчера Манчестер Јунајтед доживеа тежок пораз од 4:1 на гостувањето во Ватфорд.
По одиграни 12 натпревари, Манчестер Јунајтед се наоѓа на 7-мата позиција во Премиер лигата, со заостанување од 12 бода зад првопласираниот Челси.
Екипата на Манчестер Јунајтед до изборот на нов тренер ќе ја води Мајкл Карик.