Selçuk Buğra Gökalp
11 Јануари 2023•Ажурирај: 12 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Португалскиот напаѓач Жоао Феликс му се приклучи на Челси на позајмица, објави денеска англискиот премиерлигаш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Челси е еден од најголемите тимови во светот и се надевам дека ќе му помогнам на тимот да ги постигне своите цели“, порача Феликс и додаде: „Затоа, јас сум многу, многу среќен што сум тука и многу сум возбуден што ќе играм на „Стенфорд бриџ“.
Дваесет и тригодишниот напаѓач на Атлетико Мадрид ќе игра за лондонскиот клуб до крајот на сезоната и во договорот нема клаузула за опција за купување, објави шпанската Ла Лига.
Феликс официјално го продолжи договорот со Атлетико Мадрид до јуни 2027 година, пред позајмицата во Челси, потврди Атлетико.
Феликс ја освои титулата во шпанската Ла Лига во 2021 година со Атлетико Мадрид.
Португалецот има постигнато 4 гола во 28 натпревари за националниот тим и со нив ја освои Лигата на нации на УЕФА во 2019 година.