Serhat Bağbars
04 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
РИМ (АА) - На 31-годишна возраст синоќа почина Давиде Астори, капитенот на италијанскиот фудбалски клуб Фиорентина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Управата на Фиорентина утрово потврди дека Астори ненадејно починал во хотелската соба во којашто престојувал тимот во пресрет на денешниот натпревар во Серијата А на гости во Удине.
Италијанскиот репрезентативец и капитен на Фиорентина починал синоќа во хотел во Удине, а управата на клубот утрово ја потврди трагичната вест и соопшти дека закажаниот натпревар меѓу Удинезе и Фиорентина е откажан.
„Фиорентина е длабоко потресена и принудена да објави дека нашиот капитен Давиде Астори почина“, се вели во официјалното соопштение на клубот.
Искусниот одбранбен играч, Девиде Астори, кариерата ја започна во Милан, а настапуваше и за Рома и Каљари. За Фиорентина игра веќе три години и овие денови го очекуваше потпишувањето на новиот договор.
Во дресот на Италија Астори одигра 14 натпревари, а минатиот месец стана и татко.
- Одложени натпреварите од 27. коло во Серија А -
Раководството на италијанската лига (Серија А) соопштение дека се откажани преостанатите шест натпревари од 27. коло на италијанската фудбалска лига.
Првиот натпревар во Серија А меѓу Каљари и Џенова требаше да започне во 12.30 часот, а одлуката за откажување на натпреварите пристигнала само неколку минути пред почетокот на дуелот.
Каљари е еден од клубовите во коишто играше Астори во текот на својата кариера, која ја започна во Милан.
За денеска беа закажани средбите Атланта - Сампдориа, Беневенто - Верона, Киево - Сасуоло, Торино - Кротоне и Милан - Интер.