Bülent Aslan
07 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - БУЛЕНТ АСЛАН -
Светското фудбалско првенство на ФИФА, најзначајното натпреварување во светот, се организира од 1930 година наваму. Во досегашната историја само 8 земји од светот успеале да ја освојат оваа престижна титула.
Освен за време на Втората светска војна, Светскиот фудбалски куп досега во периодот од 1930 до 2014 година се организираше без прекин 20 пати. Најголем број титули на светски шампион, пет, има освоено репрезентацијата на Бразил, додека втората позиција ја делат Германија и Италија со 4 титули светски фудбалски првак.
Аргентина и Уругвај на двапати, а Англија, Франција и Шпанија по еднаш успеаја да се закитат со титулата светски првак.

Во досегашните светски првенства на ФИФА, 5 репрезентации од Европа и 3 од Јужна Америка станаа фудбалски прваци на светот, додека на земјите од преостанатите континенти тоа не им појде од рака.
Уругвај, Англија и Шпанија без пораз во финалето
Репрезентациите на Уругвај, Англија и Шпанија со победа во финалниот натпревар од Светскиот фудалски куп станаа светски шампиони.
Уругвај успеа во двата финални натпревари што ги одигра да стигне до титулата светски првак. Репрезентациите на Англија и Шпанија по еднаш играа во финалните натпревари и со победата ја понесоа титулата најдобра репрезентација на светот.
Холандија во своите три финални натпревари не успеа да дојде до титулата светски првак
Холандија е најдраматичната репрезентација на светските првенства.
„Портокаловите“ успеаја на трипати да учествуваат во финалето на светските првенства, но ниту еднаш не успеаја да станат светски фудбалски шампиони.
Холандија загуби во трите финални натпревари во кои учествуваше и не успеа да ја почувствува среќата од освојување на титулата светски фудбалски шампион. За првпат загуби од организаторот на Светското првенството, Западна Германија, во 1974 година. На следното Светско првенство кое се одржа во Аргентина 1978 година, во финалето повторно загуби од домаќинот, овојпат репрезентацијата на Аргентина. На Светското првенство што 2010 година се одржа во Јужноафриканската Република, Холандија во финалето загуби од Шпанија со погодокот постигнат во продолжетокот, и по третпат без трофеј го напушти теренот.
Репрезентациите на Чехословачка и Унгарија на двапати играа во финалето на Светскиот фудбалски куп, но ниту еднаш не успеаја да станат шампиони на ова престижно натпреварување.
И репрезентацијата на Шведска, како домаќин на Светското фудбалско првенство во 1958 година, беше учесник во финалниот натпревар. Во финалето домаќинот загуби од репрезентацијата на Бразил.
Германија одигра 8, а Бразил 7 финални натпревари
Германија и Бразил се репрезентации со најголем број финални натпревари.
Германија играше во 8, додека Бразил во 7 финални натпревари. Италија учествуваше во 6, а Аргентина на 5 пати беше учесник во финалниот натпревар на Светскиот фудбалски куп.
И покрај тоа што Германија и Бразил се земји со најголем број учества во финалните натпревари на Светскиот фудбалски куп, во досегашната историја на ова натпреварување се сретнаа само еднаш, и тоа во финалето на Светскиот куп организиран од Јужна Кореја и Јапонија во 2002 година. Во ова финале Бразил извојува победа од 2:0.
Финални натпревари на Светскиот куп и резултати
Историја на одржаните светски фудбалски првенства и резултати од финалните натпревари:
Година | Шампион | Финалист | Резултат |
1930 | Уругвај | Аргентина | 4 : 2 |
1934 | Италија | Чехословачка | 2 : 1 (продолжетоци) |
1938 | Италија | Унгарија | 4 : 2 |
1950 | Уругвај | Бразил | 2 : 1 |
1954 | Западна Германија | Унгарија | 3 : 2 |
1958 | Бразил | Шведска | 5 : 2 |
1962 | Бразил | Чехословачка | 3 : 1 |
1966 | Англија | Западна Германија | 4 : 2 (продолжетоци) |
1970 | Бразил | Италија | 4 : 1 |
1974 | Западна Германија | Холандија | 2 : 1 |
1978 | Аргентина | Холандија | 3 : 1 (продолжетоци) |
1982 | Италија | Западна Германија | 3 : 1 |
1986 | Аргентина | Западна Германија | 3 : 2 |
1990 | Западна Германија | Аргентина | 1 : 0 |
1994 | Бразил | Италија | 0 : 0 (3 : 2 пенали) |
1998 | Франција | Бразил | 3 : 0 |
2002 | Бразил | Германија | 2 . 0 |
2006 | Италија | Франција | 1 : 1 (5 : 3 пенали) |
2010 | Шпанија | Холандија | 1 : 0 (продолжетоци) |
| 2014 | Германија | Аргентина | 1 : 0 (продолжетоци) |