18 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
БРИСЕЛ (АА) - Роберто Мартинез, селекторот на фудбалската репрезентација на Белгија, изјави дека Ромелу Лукаку мора да го напушти Манчестер Јунајтед и да го пронајде вистинскиот клуб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Лукаку минатата сезона не играше многу во дресот на Јунајтед, особено по доаѓањето на новиот менаџер Оле Гунар Солскјаер. Поради тоа многу се шпекулира за неговата иднина, а наводно, за белгискиот напаѓач е многу заинтересиран Интер.
„Сега е важно Ромелу да го пронајде вистинскиот клуб. Тоа би била добра работа за двете страни. Јасно е дека мора да го напушти Манчестер Јунајтед“, изјави Мартинез за белгискиот весник „Het Laatste Nieuws“.
Инаку, Мартинез имаше можност да му биде тренер на Лукаку во Евертон, а не само во репрезентацијата на Белгија. Исклучителниот 26-годишен напаѓач во Јунајтед дојде од Евертон во 2017 година. Оттогаш за Јунајтед одигра 96 натпреварувачки меча и постигна 42 гола.
Во текот на неговата кариера играше уште за Андерлехт, Челзи и Вест Бромвич Албион. Во дресот на репрезентацијата на Белгија има 81 настап со рекордни 48 гола.