ИСТАНБУЛ
Единствениот тениски Грен-слем турнир кој се игра на трева, Вимблдон, ќе биде сцена на големо финале во машка единечна конкуренција. Во финалето на третиот Грен-слем турнир годинава ќе се сретнат светскиот тениски рекет број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ и вториот носител на турнирот, Швајцарецот Роџер Федерер, кој во полуфиналето со 3:1 во сетови го совлада Рафаел Надал, второпласираниот на светската АТП листа, јавува Anadolu Agency (AA).
На централниот терен на Вимблдон со капацитет од 15.000 гледачи, в недела, на 14 јули, со почеток во 15:00 часот ќе се игра финалето меѓу Федерер, кој се бори за 21. грен-слем титула во кариерата и Ѓоковиќ, кој ќе се бори да ја освои својата 16. грен-слем титула.
- Федерер посакува да ја достигне Навратилова
Роџер Федерер е единствениот тенисер кој осумпати го освоил Вимблдон, а доколку утре тоа му појде од рака по деветти пат, тогаш ќе се изедначи со рекордот на Мартина Навратилова, која е единствената на која досега тоа ѝ успеало деветпати.
Федерер во периодот 2003 - 2007 петпати едноподруго беше шампион на Вимблдон, а преостанатите три титули ги освои во 2009, 2012 и во 2017 година.
- Ѓоковиќ победи и во двете финалиња
Светскиот тенисер број 1, Србинот Ѓоковиќ, и во двете финалиња на Вимблдон против Федерер излезе како победник.
Првата титула на Вимблдон Ѓоковиќ ја освои во 2011 година, совладувајќи го во финалето Надал, додека во 2014 и 2015 едноподруго во финалето го совлада Федерер и го освои Вимблдон.
Првото финале против Федерер Ѓоковиќ го доби со 3:2 во сетови, додека второто финале заврши со победа на Ѓоковиќ од 3:1.
Последната титула на Вимблдон Ѓоковиќ ја освои минатата година, победувајќи го во финалето Јужноафриканецот Кевин Андерсон со резултат 3:0.
Во 2012 година Федерер и Ѓоковиќ се сретнаа во полуфиналето, кога Швајцарецот успеа да го совлада српскиот тенисер со 3:1. Во финалето Швајцарецот го совлада Британецот Енди Мареј и ја освои титулата на Вимблдон.
- Доколку победи Федерер, ќе се промени АТП листата
Вимблдон има сопствен систем на носители на турнирот, па затоа, и покрај тоа што е трет на светската АТП листа, Федерер е втор носител на турнирот во Лондон. Доколку успее да го освои Вимблдон, тогаш ќе се позиционира на втората позиција на светската тениска ранг-листа.
Доколку загуби во финалето, Ѓоковиќ ќе продолжи да биде светски рекет број 1. Федерер со победа ќе има 8.260 поени и ќе го надмине Надал на светската АТП листа.
- Кандидат за најстар шампион
Федерер, со победата над Јапонецот Кеј Нишикори во четвртфиналето, стигна до 100. победа на турнирот и стана првиот тенисер во машка конкуренција кој ја надмина границата од 350 победи на грен-слем турнири. Доколку успее да го освои Вимблдон, тогаш Федерер ќе стане носител на уште една титула.
Доколку Швајцарецот успее да го победи 32-годишниот Ѓоковиќ, тогаш ќе ја понесе титулата на највозрасен тенисер кој го освоил Вимблдон на возраст од 37 години и 340 дена.
Во минатото, највозрасен тенисер, кој играл финале на Вимблдон бил Кен Росвол. Во финалето на Вимблдон во 1974 година Росвол на 39-годишна возраст загуби од Џим Конорс со 3:0 во сетови.
- Рекорд на Федерер во асови
Во полуфиналниот натпревар против Надал, Федерер успеа да постигне 14 аса, со што го урна севкупниот рекорд на турнирот.
Швајцарскиот тенисер ја понесе и титулата играч со најголем број асови на Вимблдон, со постигнати 1.405 аса, преземајќи ја титулата од Хрватот Горан Иванишевиќ кој има 1.397 аса, додека трет на листата е Пит Сампрас, со 1.095 аса.
- Во меѓусебните дуели, Ѓоковиќ е во предност
И двајцата тенисери меѓусебно досега одиграа 47 натпревари. Ѓоковиќ извојува 25 победи, додека Федерер победи 22 пати.
По турнирот во Монте Карло во 2006 година, кога започна конкурентноста меѓу Федерер и Ѓоковиќ, овие двајца тенисери 15 пати се сретнаа на грен-слем турнири. Српскиот тенисер на овие средби успеа да победи деветпати.
Овие двајца тенисери четирипати се сретнаа во финалињата на грен-слем турнирите. Ѓоковиќ на трипати излезе како победник. Единствената победа во едно финале Федерер ја извојува во 2007 година на Америка опен.
Победникот на Вимблдон ќе освои 2.350.000 фунти (околу 2.620.000 евра). Поразениот ќе добие награда од 1.175.000 фунти (околу 1.310.000 евра).