Dejan Maksimoviç
18 Октомври 2018•Ажурирај: 19 Октомври 2018
СИДНЕЈ (АА) - Усеин Болт, некогаш најдобриот спринтер на светот, кој моментално се бори за професионален договор со фудбалскиот клуб Централ коуст маринерс од Австралија, ја одби понудата на ФК Валета да потпише двегодишен договор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Болт, неодамна, во пријателски натпревар кој го играше за Централ коуст маринерс, постигна два гола, но сѐ уште не му е понуден договор.
„Болт не сака да ја прифати можноста од Малта. Откако почна да игра фудбал, има многу заинтересирани за него. Редовно добиваме слични понуди“, рече агентот на Болт, Рики Симс.
Се огласија и од малтешкиот шампион Валета, кои на Болт му посакаа сѐ најдобро во фудбалската кариера, и му порачаа:
„Понудата на ФК Валета секогаш ќе биде на маса.“
Јамајчанецот е сопственик на светски рекорд на 100 и на 200 метри, освојувач на 8 златни олимписки медали и на дури 11 златни одликувања од светските првенства. Од атлетиката се прости во август 2017 година, по што се сврте кон фудбалот.