Ekipa
01 Јули 2018•Ажурирај: 02 Јули 2018
МОСКВА (АА) - Фудбалскиот сојуз на Србија е казнет по вторпат на Светското првенство, овој пат поради транспарент кој беше истакнат од српските навивачи, а кој ја велича националистичката организација од Втората светска војна. Инцидентот се случи на натпреварот против Бразил (0:2), и ФС на Србија ќе мора да плати 20.000 швајцарски франци (околу 17.200 евра), пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Светската фудбалска федерација (FIFA), рекоа дека започнале дисциплинска постапка против ФС Србија поради политички и навредлив транспарент.
ФИФА соопшти дека е казнет и Фудбалскиот сојуз на Русија со 10.000 франци (околу 8.600 евра), поради дискриминаторски транспарент. ФИФА и активистите на светската мрежа за борба против расизмот во фудбалот FARE (ФАРЕ), кои се ангажирани за Светското првенство, велат дека на транспарентот бил и бројот 88, кој е препознат како крајно десничарски код за зборовите „Хајл Хитлер“, бидејќи Х (H) е осмата буква од азбуката. Спорниот транспарент беше истакнат на натпреварот Уругвај - Русија (3:0).
Фудбалскиот сојуз на Мароко е казнет со 65.000 франци (околу 56.000 евра), поради недолично однесување на играчот Нуредин Амбрабат и на помошниот тренер Патрис Боумел, поради влегување на теренот, по последниот свиреж на судијата кон шест члена на репрезентацијата, фрлање предмети на тревникот од страна на навивачите и поради доаѓањето на претседателот на Сојузот, Февзи Лека, во просторот за технички персонал во текот на натпреварот. Сите дисциплински прекршоци се направени на натпреварот со Шпанија (2:2).
Фудбалскиот сојуз на Мексико, поради несоодветно однесување на навивачите и фрлање предмети на теренот во текот на натпреварот во кој победи Шведска со 3:0, казнет е со 15.000 франци (околу 13.000 евра).